ТУРНЕЈАТА НА „СИМПЛ МАЈНДС" ЗАВРШУВА ВО СКОПЈЕ
По настапите во арената „O2" во Лондон, во арената „Манчестер Ман" во Манчестер, „Зенит" - Париз и во „Хајнекен мјузик хол", Амстердам, најуспешниот шкотски рок-бенд на сите времиња, „Симпл мајндс", својата двегодишна светска турнеја Greatest Hits ќе ја заврши на 5 март во Скопје. Групата ќе свири во комплетно реновираниот СРЦ „Kале". Сет-листата на оваа турнеја е составена од нивните најголеми хитови: Don’t You (forget about me), Promised You A Miracle, Waterfront, Alive and Kicking, Glittering Prize, All The Things She Said, Sanctify Yourself, Someone Somewhere (In Summertime), Ghost Dancing, Kick It In , She’s A River, Mandela Day, Beafast Child и многу други.
Во својата долгогодишна кариера „Симпл мајндс" има издадено 16 студиски албуми, кои со својата продажба имаат достигнато мултиплатинест тираж. Пред концертот на „Симпл мајндс" атмосферата во СРЦ „Kале" ќе ја загрее еден од нашите најдобри бендови, „Мизар", кој ќе има едночасовен настап.
- Ми претставува огромно задоволство да свириме со „Симпл мајндс". Израснав со нивната музика, ги имав сите нивни албуми и учев од нив. Тој настан ќе биде и добар повод да го претставиме новиот албум на „Мизар" - вели Горазд Чаповски од составот.
„Авалон продукција" еден ден претходно, на 4 март, ќе го организира концертот на „Симпл мајндс" и во Загреб.
|