Доказ за тоа дека културните настани одбележани со некоја влијателна личност од светот и кај нас можат да функционираат надвор од центарот, од Скопје, е утрешниот „Фестивал на музика на светот". На неговото петто издание во Центарот за култура во Битола во 20 часот, концерт ќе одржи либанскиот мајстор на ут, Раби Абу Калил. На овој еднодневен фестивал ќе биде претставен и заедничкиот проект „Пенелопе Икс" на композиторот и пијанистот Никола Коџабашија, групата „Фолтин" и тапанарот Гоце Стефковски.
Славниот Раби Абу Калил, кој утревечер пред битолчани ќе настапи со неговиот квинтет „Медитеран", во Скопје гостуваше три пати во рамките на „Скопскиот џез-фестивал", во 1996, 2001 и во 2008 година, кога настапи заедно со Македонската филхармонија. За битолската музичка публика, овој фестивал е еден од оние кои предизвикуваат најголем интерес во нивниот град, а тоа особено ќе биде вечерва акцентирано заради присуството на Абу Калил кој се смета за една од најголемите ѕвезди во светот на џезот.
Овој исклучителен либански музичар, кој живее во Германија, во својата музика ги имплементира арапската орнаментика, традиционалните мелодиски и ритмички мотиви, со џезот и неговата импровизација, но и со класичните модули на компонирање. Она што е карактеристично за Раби Абу Калил е фактот што за разлика од арапските инструменталисти кои, главно, се задоволуваат со развивање на техниките на имитирање на човечкиот глас, тој истражува нови начини за свирење на ут. Со својата оригинална техника на компонирање, со својот слободен храбар и авантуристички пристап кон класичната арапска музика, Раби Абу Калил успева да наметне свој, сосема оригинален музички јазик. Интересно е што од страна на музичката критика, неговата извонредна техника дури и се препорачува како „студија за џез гитаристи". (Т.И.)