На длабочина од тринаесетина метри се најдоа остатоци од темели за кои се смета дека се од стара македонска црква
Подводните тајни на вештачкото езеро излегуваат на виделина
Акцијата за чистење на езерото Матка, која се реализира викендов, ги откри подводните тајни на вештачкото езеро. Нуркачите од спелеонуркачкиот клуб „Врело" и од нуркачкиот клуб „Акватек" на длабочина од тринаесетина метри сосема неочекувано најдоа остатоци од темели, за кои се смета дека се од стара македонска црква. На остатоците од ѕидовите нуркачите забележале натпис „Света Недела" и, според овој податок, тие велат дека археолошкиот објект би требало да е црква.
- Не можеме да тврдиме со сигурност дека тој објект е црква ниту, пак, дека се работи за црквата „Света Недела". Овие остатоци што ги најдовме се од големо значење, но треба дополнително да се истражат - истакна Киро Ангелески, претседател на клубот „Врело".
Подводна археологија
Тој додаде дека и во следните денови ќе ја продолжат експедицијата за да ги пронајдат дополнителни примероци, а исто така и ќе фотографираат за да можат понатаму да им ги предадат сликите на археолозите и во Управата за заштита на културното наследство за понатамошно испитување и утврдување дали навистина станува збор црква и од кој период датира таа.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ ни истакна дека овие остатоци што ги нашле нуркачите се фасцинантно откритие.
- За да се истражува понатаму, потребна е подводна археологија за да се добијат подетални информации, а исто така треба да се најде и геодетска подлога - вели Лилчиќ.
Тој додаде дека таму постоело средновековното село Козарево, кое било раселено со создавањето на вештачкото езеро, и верува дека тие остатоци се на некоја тогашна црква. Но не може сега да се потврди за која црква се работи, бидејќи во секое село имало по неколку цркви.
Еколошка цел
Нуркачот Ангелески истакна дека оваа подводна експедиција во подводните води на езерото Матка имала цел да ја истражи и да ја документира структурата на дното на езерото, каде што под просторот на денешното село Козарево пред неколку месеци бил пронајден влез за нова пештера.
Нуркачите велат дека пред да се изгради браната на вештачкото езеро на овој простор постоел таканаречениот Пат на силата, кој бил најкраткиот пат до денешен Македонски Брод, односно го спојувал северноисточниот со југозападниот дел на Македонија. Меѓутоа, со надоаѓањето на водата и издигнувањето на езерото и браната Матка сето она што постоело на овој предел било покриено со вода.
Оваа акција, освен истражувачки карактер за собирање и документирање археолошки факти, имаше и еколошка цел. Учесниците во акцијата пронајдоа локации на кои има отпад.
- Таму беа пронајдени потонати чамци, гуми од автомобили, метални буриња од платформи, делови од железни конструкции, пластичен отпад, како и друг ситен отпад што со години се насобирал на самото дно - вели нуркачот Ангелески.
Почитувањето на света Недела во околината на Матка
Средновековен православен христијански храм посветен на света Недела во близината на Матка постои уште од 12 век. Тој сега е во урнатини, сместен високо во месноста Марков Град, од левата страна на реката Треска. Оваа црква се смета дека е изградена во 12 или 14 век, истовремено со изградбата на блиските околни цркви и манастири „Свети Никола Шишевски", „Свети Андреја", „Свети Спас" и манастирот „Успение на пресвета Богородица". Црквата „Света Недела" е мала, еднокорабна куполна црква, за што сведочат остатоците од сводовите на некогашната купола. Изградена е од кршен камен, делкан локален камен-варовник и керамички материјал. Според остатоци од камени сводови, може да се заклучи дека куполата се наоѓала над олтарниот дел, при што црквата имала речиси ист или сличен изглед како блиските цркви „Свети Никола" и „Свети Андреја". На дел од ѕидините во внатрешната страна сѐ уште стои дел од фрескоживописот на црквата. Врз ѕидовите однатре се забележуваат скромни останки на фрескодекорација, со неколку светители во олтарниот дел, потоа фигурата на света Недела, која и денес може да се забележи на јужниот ѕид. Иако црквата е во урнатини, сепак таа е доста посетено место од верници и од планинари. Во неа постојат повеќе икони од светицата Недела, Богородица и Исус Христос, како и кандило за палење свеќи. Во непосредна близина на црквата е изграден летниковец од страна на планинарите.
|
|