Меѓу поважните наоди што се откриени во рамките на истражувањето е и разновидниот нумизматички материјал
На островот Голем Град на Преспанско Езеро завршија годинашните археолошки истражувања, при што се откриени архитектонски остатоци и подвижен археолошки материјал од средновековниот период. Скромните керамички фрагменти и неколкуте бронзени монети, како што информираат од Министерството за култура, упатуваат на сознанијата дека откриениот објект е монашка куќа-колиба од средниот век. „Материјалните остатоци од пронајдениот објект имаат научна вредност поради фактот што станува збор за први пронајдени архитектонски остатоци од објект за живеење од средновековниот период на овој остров. Сите други досегашни истражувања беа фокусирани на сакралните објекти, односно малите еднокорабни цркви, и на некрополите околу нив. Меѓу поважните наоди што се откриени во рамките на истражувањето е и разновидниот нумизматички материјал, меѓу кои и бронзена монета од македонскиот крал Персеј, доцноримски бронзени монети, средновековни сребрени монети и средновековни чанкести бронзени монети", велат од Министерството.
Островот Голем Град има голем археолошки, но и културен потенцијал. Го посетуваат околу 50 странски туристи во текот на летните месеци.
Извор: “Утрински Весник“
|