Шемата е купи евтино стара куќа, сруши ја и изгради скапа зграда
Културното наследство заштитено со закон, но не и од урбаната мафија
Еден телефонски повик до нашата редакција, дека на булеварот 1 Мај, над гимназијата „Јосип броз-Тито", еден битолски богаташ само што ја купил куќата што била заштитена со закон, прекуноќ ја турнал и на истото место почнал да гради нова куќа, без согласност од Заводот и музеј Битола, го привлече нашето внимание да се заинтересираме за состојбата во која се наоѓаат старите куќи во Битола. Иако се заштитени со закон, куќите речиси секојдневно се на нишан на новите битолски олигарси и на урбаната мафија.
И кога тргнавме да ја провериме информацијата, неколку стотина метри погоре забележавме нов случај, каде што друг нов битолски богаташ секој ден камен по камен, или тула по тула, „дискретно" ја руши куќата што неодамна ја купил за подоцна и неа ја снема до темел и сега градежните машини веќе ги копаат темелите за новата куќа што ќе ја гради. Следниот случај е уште поинтересен.
Откако познат битолски бизнисмен купил стара куќа во самиот центар на градот и наводно се уморил од чекање да добие од Управата за заштита на културното наследство решение за градба, одлучил да отстрани еден дел од покривот за да може куќата да прокиснува од дождовите и на тој начин побрзо да падне за тој да почне со темелна реконструкција.
Ги купуваат за малку пари
Во последно време Битола речиси секојдневно го менува својот лик, односно исчезнува понекоја стара куќа во градот и на нејзино место никнуваат нови објекти, кои го менуваат амбиентот на градот.
Новите битолски олигарси и богаташи, како и урбаната градежна мафија, постојано ги меркаат старите и трошни куќи во Битола, кои ги купуваат за малку пари, за потоа на истите локации да никнат згради со по неколку ката. Иако нема точни информации, сепак, според податоците на Заводот и музеј-Битола, во градот под Пелистер има голем број стари куќи, но само 190 се заштитени со закон.
Според зборовите на директорката на Заводот и музеј, Лилјана Христова, состојбата во која се наоѓаат старите куќи, особено во старото градско јадро, кое го опфаќа делот на Старата битолска чаршија, Широк сокак, улицата Солунска, Стевче Патако, Цар Самоил навистина е очајна. Повеќето од нив се целосно руинирани и само прашање на денот е кога самите ќе се срушат. Причината за тоа е што многу од тие стари куќи одамна се напуштени, некои имаат повеќе сопственици, или наследници, па не можат да се договорат што ќе прават со куќите, а некои што живеат во нив, поради немање пари, не се во состојба да ги реновираат.
- Навистина е жалосна состојбата во која се наоѓаат старите куќи во Битола. Но иако повеќето од нив се заштитени со закон, ние како завод и музеј не можеме ништо да направиме за нивна заштита. За тоа се потребни пари, а заводот нема пари за нивно реновирање или одржување - вели Лилјана Христова, директорка на Заводот.
Да се задржи истиот лик
Според неа, лошо е што и сопствениците на куќите не се материјално добро обезбедени за да можат да ги поправат куќите, па така има ситуации кога тие се принудени да ги продаваат евтино, но кога новите сопственици ќе слушнат дека се заштитени со закон бегаат од нивно купување како ѓавол од крстот, нагласува таа.
Во Заводот и музеј-Битола категорично тврдат дека тие како завод прават сѐ за да ги заштитат старите куќи од новите газди што ги купуваат.
Секој инвеститор што ќе купи стара куќа што е заштитена со законот не може да ја сруши и на нејзиното место да изгради нова, без да има позитивно мислење од заводот за тоа, или пак решение од Управата за заштита на културното наследство.
За да се заштитат куќите од масовно уривање и Битола да го задржи својот амбиентален лик, секој што сака да ја реновира старата куќа, која е заштитена со закон, или на нејзино место да изгради нова, мора да ја изгради во истиот лик што го имала претходно.
- На тој начин се трудиме да ги зачуваме старата архитектура на Битола и нејзиниот лик - нагласува Христова.
Хроничарите тврдат дека архитектурата во Битола е мешавина на стилови. Таа е главно западна архитектура, во која доминира неоеклектизмот, чие влијание доаѓало директно преку Солун.
Во тоа време Битола, покрај Белград и Солун, била главен трговски, културен и политички центар, во балканскиот дел на Турската Империја, во која имало и доста дипломати.
Благодарение на поддршката на Министерство за култура, најголемиот дел куќи со стара архитектура што се лоцирани на Широк сокак се реновирани. Но средствата што се издвојуваат главно се за обновување и за заштита на фасадите.
За жал, ниту Министерството, ниту пак заводот и музеј немаат средства за обновување и за зачувување на старите куќи што се заштитени со закон.
- Затоа лично мислам дека е добро што некои имотни битолчани се одлучуваат да купуваат куќи што се заштитени со закон, но кои се целосно руинирани и само прашање на денот е кога ќе се срушат.
Камо среќа да ги купат сите стари куќи што се заштитени со закон и на нивно место да изградат нови. Но поради долгите процедури и строгите законски прописи што ги предвидува Управата за заштита на културните споменици голем број инвеститори бегаат од купување стари куќи, бидејќи тие се ограничени во изведбата на куќите и мора, без разлика дали тие самите ги срушиле или купиле срушени куќи, да ги изградат онака какви што биле претходно. Затоа многумина од нив се одлучуваат да купат куќи во централното градско подрачје што не се заштитени со закон, кои подоцна ги реновираат од темел - вели директорката на Заводот и музеј, Лилјана Христова.
|
|