МПЦ И ИВЗ БАРААТ ЕТИКА ВО РЕЛИГИИТЕ ДА СТАНЕ РЕДОВЕН ПРЕДМЕТ
На тој начин децата ќе добијат верско познавање и ќе се запознаат со верските морални начела. Ова барање претставниците на двете најголеми верски заедници, Македонската православна црква-ОА и Исламската верска заедница, преку Комисијата за односи меѓу верските заедници, го доставиле до Министерството за образование. Главната цел е на децата да им се овозможи да ja запознаат различната религија, од онаа на која ѝ припаѓаат, како и во иднина да се постигне поголема верска толеранција.
Отец Бобан Митевски, шеф на кабинетот на поглаварот на МПЦ-ОА, вели дека ова е начин учењето за верата да биде застапено во основното образование, односно на децата да им се овозможи слободно да се запознаваат со верската терминологија, обичаите и верските празнувања.
- Во некои училишта поради недоволен интерес на учениците за посета на предметот етика во религиите, таквата можност им се ускратува и на оние деца што навистина сакаат да бидат дел од тие часови. Затоа, ако предметот стане редовен, учениците од различна возраст ќе можат да ги учат етичките начела во различните религии, што е докажано дека позитивно влијае врз развојот на децата - додава отец Митевски.
Исламската верска заедница е повеќе организирана во тој поглед. Во муслиманските семејства, децата уште од мали се учат да посетуваат часови во џамиите. Но МПЦ веќе се приближува кон ИВЗ.
Според Валентина Божиновска, претседателката на Комисијата за односи меѓу верските заедници, предметите треба да се изучуваат уште од прво одделение, односно да ги опфатат сите возрасти на децата во основното образование.
- Така ќе создадеме знаење за различните религии, што ќе придонесе за верска толеранција - изјави Божиновска.
Надлежните од Министерството за образование велат дека досега не добиле иницијатива од која било верска заедница да се зголеми бројот на часовите по предметот етика во религиите ниту, пак, овој предмет да се вметне во програмата како редовен во основното образование.
Инаку, податоците говорат дека расте бројот на ученици што се одлучуваат да учат за вредностите на христијанското, католичкото, евангелистичко-методистичкото или на исламското верување. Според податоците на Бирото за развој на образованието од минатата година, 46 отсто од родителите се изјасниле дека нивните деца ќе го изучуваат предметот етика во религиите. Претходните години заинтересираност за овој предмет покажале 33 отсто од учениците во шесто одделение.
Последните податоци говорат дека годинава 10.799 ученици избрале да го изучуваат предметот етика во религиите, а 6.834 ученици го следат предметот запознавање на религиите.
Етика во религиите е изборен предмет во шесто одделение, на кој учениците усвојуваат знаења од етиката што се темелат на православното христијанство, исламот, јудаизмот и другите религии. Овој предмет ја замени веронауката, чие изучување пред неколку години, со крајно дискутабилна одлука, беше укинато од Уставниот суд. Освен етика, во шесто одделение децата можат да го изберат и предметот запознавање на религиите, а на овие часови тие се запознаваат со вредностите на големите светски религии. Интересот и овде е константен уште од самиот почеток, кога предметот беше воведен заедно со веронауката, во 2008 година.
Расте бројот на едуцирани верници
Македонија е земја со мал број вистински верници што доследно ги почитуваат и ги практикуваат верските начела и принципи. Според анализите на социолозите, процентот на традиционалните верници во земјата е највисок во споредба со претходните времиња и се движи меѓу 60 и 70 отсто. Во последно време, процените говорат дека од седум до десет отсто е пораснат бројот на убедени (едуцирани) верници, односно оние што ги читале верските книги и имаат познавање од религијата, а не ги следат слепо обичаите. Тоа е доказ дека почнува да функционира веронауката во религиските храмови. МПЦ прави големи напори да организира верски предавања во храмовите, како и тие да бидат посетени од голем број верници.
Млади одат на час по веронаука во црква
Во чаирската црква „Св. Георгиј Победоносец", но и во други цркви во градот, отец Ивица Тодоров држи предавања и курсеви на различни теми поврзани со христијанството. Таков е на пример курсот „Училиште за животот", на кој доаѓаат слушатели што сакаат да знаат повеќе за верата. Вели дека на предавањата присуствуваат многу млади луѓе до 25-26 години. Според него, оваа појава во изминатите години не била случај, односно процентот на млади луѓе што се интересираат за верата бил значително помал.
|
|