Со симболично насловен концерт „Кон јубилејот..." оваа културна институција вечерва во МОБ ќе прослави 69 години од своето постоење
Македонската филхармонија вечерва во Македонската опера и балет во 20 часот ќе одржи концерт симболично насловен „Кон јубилејот...", со кој оваа институција ќе прослави 69 години од своето постоење. Оркестарот на Филхармонијата ќе настапи под раководство на Борјан Цанев, а како солист ќе се претстави еден од најистакнатите македонски кларинетисти, Васко Дуковски, кој живее во Њујорк и интензивно настапува на сите континенти. На програмата се: Македонски танц бр. 3 од Александар Лековски и Симфонијата бр. 4 од Роберт Шуман, а солистот премиерно во Македонија ќе го исполни Концерт за кларинет и оркестар од шпанскиот композитор Оскар Наваро.
Македонската филхармонија е основана на 24 ноември 1944 година и до денес е еден од најзначајните носители на музичката култура во Македонија како и нејзин достоен културен амбасадор.
Во изминатите 69 години многубројни солисти и диригенти застанаа на концертниот подиум настапувајќи со оркестарот, на тој начин градејќи ја македонската култура и создавајќи трајни уметнички и музички вредности.
Кларинетистот Васко Дуковски, кој моментно живее во Њујорк, е еден од најбараните инструменталисти на помладата генерација. Покрај неговото мајсторство на кларинет, исто така, тој е виртуоз на повеќе инструменти, како што се: саксофон, ерменски дудук, гајда и многу други средноевропски перкусивни инструменти.
Застапник на авангардниот слободен стил и на современата класична музика, Дуковски соработува со водечките композитори на денешницата: Џон Корлијано, Џон Адамс, Георг Фридрих Хас, Хелмут Лахенман и многу други. Во изминатите шест години, Дуковски има нарачано и инспирирано повеќе нови дела напишани специјално за него, а исто така премиерно има изведено повеќе од 100 композиции со повеќе состави за нова музика. (Т.И.)
Извор: "Утрински весник"
|