СОНИ ПЕТРОВСКИ, КОМПОЗИТОР
Композиторот Сони Петровски, кој од пред две години е и претседател на Сојузот на композиторите на Македонија, активно преку својата музика, но и преку професионалните ангажмани на Факултетот за музичка уметност постојано се залага за соодветна валоризација на класичната музика. СОКОМ првпат, по неколкудецениско постоење, минатата година доби фонд од 100 илјади евра за нарачка на нови дела, десеткратно поголема сума од онаа што се издвојуваше во минатото. Петровски вели дека со оваа сума ќе се поттикне креирањето квалитетно музичко творештво и очекува во наредните години македонското творештво да го доживее својот подем.
На фестивалот „Денови на македонската музика“, во организација на СОКОМ, првпат се организира викенд посветен на електронската музика со неколку концерти на кои ќе прозвучат дела од домашни и од странски автори. Електронската музика досега немаше многу поклоници меѓу македонските композитори, на што се должи тоа?
- Оваа иницијатива пред сѐ се должи на заложбите на СОКОМ за откривање нови имиња на македонски автори што не живеат овде, а пишуваат електронска музика, но и за да се активираат добро познатите композитори што работат во овој домен. Можеби немаме многу автори што пишуваат ваков тип музика, но оние што работат во оваа сфера треба да го пренесат своето искуство во областа на електронската музика и дома и да овозможат нејзин развој. Мислам дека не е претенциозно да се каже дека со композиторите Спасов, Саздов, Пенов, Пејоска, Королиов почнува нова ера на македонското професионално творештво. Фестивалот на електронска музика „Звучна имперзија“ е почеток на една нова кауза, која ќе треба да го привлече вниманието на голем број млади креативни луѓе.
Македонските композитори со години негодуваа дека државата не ги стимулира и издвојува многу малку пари за нарачка на дела. Ситуацијата сега се смени, композиторите добија досега најголема сума - 100 илјади евра за пишување нови дела...
- Уште пред две години новото раководство на СОКОМ укажа на тоа дека организациите преку своите идеи треба да го насочуваат Министерството за култура каде да ги инвестира парите. Во таа насока СОКОМ иницираше нови проекти, кои наидоа на голема поддршка од Министерството. Ваквата финансиска поддршка за продукција на нови музички дела има непроценливо значење за македонското творештво и верувам дека токму во наредните години македонското творештво ќе го доживее својот подем.
Финансиската стимулација сигурно ќе ги поттикне композиторите да пишуваат повеќе, но дали постои можност квантитетот да влијае на квалитетот на делата? Како ќе се вршат изборот и вреднувањето на делата што ќе бидат нарачани?
- Не секогаш квантитетот влијае на квалитетот, но во овој случај бидејќи има само една или три награди во сите категории, несомнено е дека композиторите ќе ги искористат своите максимални творечки капацитети. Композициите ќе бидат објективно оценувани од стручни домашни музички уметници и странски композитори.
Музичките институции почнаа повеќе да обрнуваат внимание и на домашното творештво, кое сега почесто е на нивниот репертоар. Доволно ли се застапени домашните автори на концертните подиуми во земјава?
- Со задоволство може да констатирам дека се чувствува постојан подем во тој поглед, особено кај националните институции. Соработката со нив во изминатите години се зацврсти, пред сѐ поради свесноста на раководителите дека сите ние сме неопходни за развивање на музичката култура. Она на што во наредниот период треба да се обрне внимание е медиумскиот простор за уметничката музика, особено на МРТВ, каде што е забележен огромен пад во емитувањето на ваков вид музика.
Вашата опера „Леандер и Косара“, која ја напишавте како нарачка од Операта, сѐ уште не доживеала изведба. Ќе се изведе ли конечно ова оперско дело?
- Да, премиерната изведба е планирана за наредната година. Оваа година на сцената на МОБ ќе биде поставено новото оперско остварување на композиторот Стојан Стојков - „Змејовата невеста“.
Претседател сте на СОКОМ, работите и на Факултетот за музичка уметност, но пред сѐ сте композитор. Наоѓате ли време да пишувате музика?
- Би рекол дека во моментот пред сѐ сум татко на две деца, на кои им го посветувам најголемиот дел од своето време, но се обидувам да не запоставам ниедна од наведените обврски, бидејќи сите ме исполнуваат еднакво.
|
|