Поплави повторно го зафатија Балканот
Поројните дождови кои го зафатија Балканот во последните неколку дена, ги зедоа првите човечки жртви во Бугарија, во Романија засега има само материјални штети, а во Турција постои опасност од излевање на реката Тунџа кај Едрене.
Десетина загинати, меѓу кои и две деца, е билансот од поплавите во црноморскиот град Варна. Властите го прогласија 23 јуни за ден на жалост во Бугарија. Поплави има и во регионот на Добрич, каде под вода се повеќе станбени објекти и од каде се евакуирани околу 150 лица. Состојбата се стабилизира, но се уште е критично во регионот на Велико Трново, каде постои опасност од излевање на реката Јантра.
„Ова е вистинска трагедија. Од надојдените води уништени се многу автомобили, куќи, електрични постројки “, изјави Цветелин Јовчев, министер за внатрешни работи на Бугарија.
Во Варна се превземаат антиепидемиолошки мерки, со цел да се спречи евентуална појава и ширење на инфекции и заразни болести. Додека се вршат проценки на штетите, се разгоре речникот меѓу премиерот, министрите и првиот човек на Варна, дали само поројните дождови се виновни за поплавите и дали некој треба да понесе одговорност.
„Дождот е очигледно виновен, а за другото ќе почекаме да видиме што ќе покажат анализите и дејствата што се превзеле. Едно од прашањата е да се види дали имало препреки кои стоеле на патот на водата“, изјави Пламен Орешарски, премиер на Бугарија.
„Неспорно сечата, незаконската сеча на дрвја што се случува во државата можеби е една од причините“, изјави Иван Портних, кмет на Варна.
Десетици куќи се поплавени како последица на поројните дождови што во последните 12 часа го зафатија округот Констанца во Романија. Поплавени се и земјоделски површини, а причинета е штета и на патната инфраструктура.
Поројните дождови кои ја зафатија северозападна Турција, го зголемија нивото на реката Тунџа, која тече низ градот Едрене. Водостојот на реката е зголемен за четири пати и постои опасност од нејзино излевање. Поплавите кои минатиот месец ги зафатија Србија и Босна и Херцеговина однесоа десетици жртви и причинија голема материјална штета.
Извор: “24ВЕСТИ“
|