Фестивал на православна музика во Тетово
Меѓународен фестивал на православна духовна музика во рамките на хорскиот фестивал ТЕХО викендов ќе се одржи во Тетово
На 23-то издание на хорскиот фестивалот настапуваат седум хора од повеќе градови од Македонија, како и три хора од Албанија, Бугарија и Србија. Хоровите ќе настапуваат во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“ и во новоотворениот духовно-културен центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешочкиот манастир.
Со ова, центарот „Кирил Пејчиновиќ“ ќе биде и официјално отворен, а Меѓународниот фестивал на православна духовна музика и во иднина ќе се одржува во овој простор.
- Идејата на овој духовно-културен центар е да се создаде место за љубителите на овој вид уметност. Во него ќе има и богата библиотека и аудиотека - вели Ивица Зориќ, претседател на управниот одбор на фестивалот.
Станува збор за стар објект во рамките на Лешочкиот манастир, кој беше преадаптиран. Покрај ТЕХО, таму ќе се одржува и Меѓународната средба на книжевни преведувачи, како и некои слични манифестации.
Автор: А.С.
Извор: “Нова Македонија“
|