Пресуда: Доживотен затвор за обвинетите од "Монструм"!
Доживотна казна затвор за директните извршители на петкратното убиство – Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, одлучи денеска Основниот суд Скопје 1 со првостепената пресуда за случајот "Монструм".
Како и директните извршители, казна доживотен затвор за тероризам добија и Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Сејди Рами поради немање на доволно докази за утврдување на вина доби ослободителна пресуда, пишува порталот Академик.мк.
Пресудата единствено не ја слушнаа првообвинетите Алил и Африм, кои моментно се затвор во Kосово поради недозволено поседување оружје, а косовските власти се' уште не одговориле на барањето за екстрадиција.
Судијата на почетокот пред да ја прочита пресудата и се обрати на јавноста со следните зборови: „Се работи за настан кој ја згрози целата македонска јавност. И покрај различната етничка припадност оваа постапка не треба да го наруши соживотот во Македонија“.
Одбраната најави жалба до повисокиот суд.
Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол на 12-ти април 2012-тата година, Велики Четврток, додека ловеа риба кај Смилковското езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај македонското население.
Извор: “Точка“
|