Хорот „Св. Злата Мегленска“ ќе се бори за светска награда
Хорот под диригентство на Летка Димовска-Полизова е единствениот македонски претставник во годинашната Европска културна престолнина. Нашиот хор се квалификува директно во шампионскиот дел, кој почнува утре, со голема парада на нациите, која ќе се одржи во центарот на Рига
Хорот „Св. Злата Мегленска“ е единствениот македонски претставник на Светските хорски игри во Рига
МАКЕДОНСКИТЕ ХОРИСТКИ ЗАМИНУВААТ ЗА ЛЕТОНИЈА
Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ денеска замина на најголемото хорско натпреварување „Светски хорски игри“, кое се одржува во Рига, Летонија. Хорот ќе се натпреварува во три категории - црковна, световна и фолклор.
Првиот настап на нашите хористки ќе биде в среда во црквата „Свети Петар“, една од најубавите цркви во балтичкиот регион, изградена во 13 век, заштитена како споменик на културата од национален интерес, вели диригентката на хорот Летка Димовска-Полизова.
- Во категоријата црковна музика настапуваме во конкуренција со хорови од Русија, САД, Германија, Kина, Шведска, Летонија, Јужна Африка, Венецуела и од Романија. Утредента, пак, се натпреваруваме во категоријата женски камерни хорови во Летонската музичка академија, која важи за една од најстарите образовни институции во земјата, во конкуренција со хорски ансамбли од Kина, Русија, Шведска, Kаналските Острови, Финска и домаќинот, Летонија - вели Димовска-Полизова.
Диригентката додава дека последниот настап е во категоријата фолклор и ќе се одржи на 18 јули, на универзитетот „Пол Страдинс“, кој е едно од најсовремените и најбарани места за музички настани во Рига, во конкуренција со хорови од Kина, Финска, Летонија, Австрија, Словенија, Индонезија, Германија, Русија, Иран и од Индонезија.
За овие категории хорот подготви посебна програма од комплексни дела, од кои некои од нив првпат ќе бидат изведени во Рига. Најголем дел од програмата опфаќа композиции од едни од најзначајните македонски композитори: Тодор Скаловски, Стојан Стојков, Александар Лековски, Драган Шуплевски, Запро Запров, но и од светската музичка литература: Орландо ди Ласо, Лајош Бардош, Михаил Иванов, Артемиј Ведел и Франц Библ. Во дел од програмата хорот ќе игра и ќе свири на традиционални инструменти.
Хорот „Св. Злата Мегленска“, под диригентство на Летка Димовска-Полизова, е единствениот македонски претставник во градот што годинава ја носи титулата европска престолнина на културата. Хорската олимпијада, како што ја нарекуваат, почна на 9 јули и е поделена во две секции - шампионски дел за меѓународни искусни хорови и отворен дел за сите хорови. Нашиот хор се квалификува директно во шампионскиот дел, кој почнува утре, со голема парада на нациите, која ќе се одржи во центарот на Рига.
„Светски хорски игри“ во Рига за хорот „Св. Злата Мегленска“ ќе биде 18-та манифестација од ваков ранг на која учествувал. Хорот „Св. Злата Мегленска“ досега има освоено вкупно 24 награди во повеќе категории, и тоа: четири гран-при, девет злата, седум сребра, три бронзи, како и голем број признанија.
На „Светските хорски игри“ учествуваат 460 хорски ансамбли, или вкупно 27 илјади хористи, од 78 земји од светот. |
|
Извор: “Нова Македонија“
|
|