Празнина КОЈА сјае: Македонија Wednesday, 2024-12-04, 10:11 PM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  July 2014  »
SuMoTuWeThFrSa
  12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
2728293031
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2014 » July » 15 » Омилениот руски лекар на стружани
    7:08 PM
    Омилениот руски лекар на стружани

    Омилениот руски лекар на стружани
     

    Во самиот центар на Струга, недалеку од брегот на реката Црн Дрим се наоѓаат две згради. Првата е природно-научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“, а втората е спомен-куќата на д-р Николај Незлобински. Овие две згради се неодминливо место за секој посетител на Струга. Но, со што овој руски лекар заслужил толку голема почит од стружани и, воопшто, од Македонците? „Руска реч на македонски“ ви ја раскажува приказната за омилениот лекар во Струга.

     

    Спомен-куќата на Незлобински во Струга. Фотографија: Екатерина Туришева

    Николај Антонович Незлобински е роден во Пјатигорск на 12 мај 1885 година. Неговиот татко по професија бил шумарски инженер. Токму убавините на овој јужен руски град, како и љубовта што му ја пренел неговиот татко, ја побудиле кај Николај заинтересираноста за природата и за животинскиот свет. 

    По завршувањето на училиштето, како воен стипендист, Николај Незлобински се запишува на Санктпетербуршката воено-медицинска академија. Во тоа време оваа високообразовна институција била меѓу најдобрите во Руската Империја, а Незлобински бил еден од нејзините најдобри студенти во тоа време. За тоа сведочат и документите од спомен-куќата во Струга, од кои може да се види дека тој добил златен медал за својата работа насловена како „Значењето на плочестите глисти“. 

    Откако во 1912 година ги завршил студиите, започнал да работи како воен лекар во Црноморската флота. За време на Првата светска војна Незлобински се покажал како одличен воен лекар. Но, настаните се менуваат со започнувањето на Октомвриската револуција. Николај Незлобински според уверувањето бил монархист и приврзаник на царот Николај Втори, па затоа застанал на страната на белогардејците. По победата на Црвената армија, белогардејците биле принудени да ја напуштат Русија. 

     

    Со отворањето на антималаричниот диспанзер, Николај Незлобински станал основоположник на првата здравствена институција во Струга и Струшко.

    Една група белогардејци успеала да пребега во тогашното Кралство Југославија. Во неа се нашол и Николај Незлобински заедно со својата сопруга Софија. Со оглед на стручноста и на образованието, Министерството за народно здравје на Кралството Југославија го распоредила рускиот лекар на работа во Македонија. Најпрво тој бил испратен во Крива Паланка, но потребите покажале дека неговата стручност во тој момент е најнеопходна во градот Струга. 

    Во овој период во струшкиот регион постоел голем проблем со маларијата, кој достигнувал размери на епидемија. Токму поради тоа д-р Николај Незлобински бил испратен во градот Струга. Тој со својата сопруга Софија се населил на еден од трите острови меѓу ракавите на реката Црн Дрим, на нејзиниот излез од градот. 

    Портрети на Николај и на Софија Незлобински. Фотографија: Екатерина Туришева

    На ова место набргу биле поставени четири барака: една била домот на Николај и Софија Незлобински, втората била дом за неговите помошници, третата била маларична болница, а четвртата работилница. На тој начин биле организирани животот и работата на докторот. Со цел уништување на дел од водените површини поради маларијата, делот кој што го одвојувал островот од копното бил посипан со земја и тој се припоил кон градот, односно кон брегот на реката Црн Дрим.

    Доктор Незлобински веднаш по своето доаѓање во Струга започнал да го истражува местото. Пред сè станувало збор за истражување од областа на маларичната епидемиологија. Резултатите покажале дека 50% од населението кое живеело во близината на Струшко Блато е заболено од маларија. Оваа болест била виновна за големата смртност кај децата, особено кај новороденчињата. Но, постоеле и индиректни последици. Маларијата го намалува имунитетот кај човекот, па затоа кај возрасните тоа било причина за појавување и на други посериозни болест. 

    Николај Незлобински веднаш се зафатил со работа. Тој го отворил првиот антималаричен диспанзер во Македонија, во кој освен амбуланта, постоел и стационар, во кој се лекувале тешко болните. Во работата му помагале и неговите соработници од Русија – Георгиј Руднев кој ја водел лабораторијата и Михаил Макаров кој бил болничар, а подоцна во работата се вклучиле и стручни кадри од Струга. По долга и напорна борба, Незлобински успеал да ја стави под контрола оваа болест во својот специјалистички сегмент, за што од Кралството Југославија во 1929 година бил награден со орденот „Свети Сава“ од четврти ред, а исто така бил прогласен и за почесен граѓанин на Струга. 

     

    Повеќе за Народниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ можете да прочитате во подлистокот „Руска реч“ кој излегува на 21 јуни во дневниот весник „Нова Македонија“.

    Паралелно со својата работа во областа на медицината, Николај Незлобински започнал и со истражување на природните области од струшкиот крај. Тој бил голем вљубеник во природата и сакал да дознае многу повеќе за живиот свет, па затоа почнал да собира примероци од животни кои живееле во околината на Охридското езеро. Така, веќе во 1926 година тој во домот во кој живеел со својата сопруга Софија, која работела како наставник по руски и по француски јазик, организирал малечка изложба на која ги претставил експонатите.

    Големата заинтересираност за неговата љубителска работа го натерала Незлобински уште повеќе да работи на ова поле. Тој собирал примероци од флората и фауната, ги конзервирал и ги опишувал. По извесно време колекцијата станала толку голема што било потребно таа да се постави во одделна зграда. Најпрво тоа била една од четирите бараки, а потоа за неговиот музеј била изградена и посебна зграда со што властите на Кралството Југославија му дале и официјално признание за научна институција. 

    За времето на Втората светска војна докторот Незлобински со помош од граѓаните на Струга се погрижил музејските експонати да не паднат во рацете на окупаторот и ги скрил во околните куќи. За жал, тој не ја дочекал слободата, за да може да ја продолжи својата научно-истражувачка работа. На 17 мај 1942 година доктор Николај Антонович Незлобински ненадејно починал, а причина за неговата смрт, најверојатно, бил срцев удар. 

    Граѓаните на Струга на својот омилен доктор му организирале достоинствен погреб. Гробот на Незлобински и денес се наоѓа во алејата на заслужните граѓани на градските гробишта во Струга.

    Стружани до денешен ден се однесуваат и зборуваат со пиетет за овој човек. Тие се свесни за неговата улога, пред сè како лекар, кој на многумина им помогнал да ја преживеат маларијата, но и како човек кој во овој град ја основал првата научна институција.

    Извор: “Руска реч на македонски“

    Views: 273 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024