МВР И „КОМИТИТЕ“ СЕ ОБВИНУВААТ ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО БИТОЛА
Навивачката група „Комити“ и Министерството за внатрешни работи со различни верзии за тоа кој ја активирал шок бомбата на фудбалскиот натпревар помеѓу Пелистер и Вардар, од чија експлозија се повредени 8 лица. Од МВР тврдат дека шок бомбата била активирана од 37-годишниот навивач кој при тоа се здоби со тешки повреди на левата дланка. Се` уште не е целосно јасно како лицето успеало да стигне до експлозивната направа, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски.
- Обезбедена е службена белешка од полицискиот службеник кој ја имал задолжено шок. Бомбата. Тој посочил дека не може точно да каже дали во турканицата која настанала бомбата му била одземена од некој од навивачите или при турканицата испаднала. Како и да е, факт е дека истата не била активирана од полициски службеник.
Од навивачката група „Комити“ преку соопштение најавија дека ќе поднесат кривични пријави против надлежните во МВР и ќе побараат одговорност од министерката Гордана Јанкуловска. Ја обвинуваат полицијата дека употребила прекумерна сила додека се обидувала да ги отстрани нивните членови од трибината, неколку минути пред крајот на натпреварот, кога се случи инцидентот.
„Во целата турканица од страна на полицијата беше фрлена бомба, при што еден наш истакнат постар член ја зема истата со цел да ја отстрани и да ги заштити помладите Комити, но за жал бомбата експлодираше во неговата рака. Билансот беше 7 навивачи со лесни повреди и еден со тешка телесна повреда. Останува нејасно со каква цел полицијата во ваква ситуација користи бомба со таква разорна моќ која испушта шрапнели?“, стои во соопштението на навивачката група „Комити“.
Внатрешната контрола на МВР утврдила дека полицијата во ниту еден момент не ги пречекорила своите надлежности. МВР поднесе кривични пријави против двајца навивачи, по еден на „Комити“ и „Чкембари“, поради сомнение дека извршиле напад на службено лице. Од Фудбалската федерација на Македонија, која од навивачите, но и од фудбалскиот клуб „Вардар“ беше обвинета за организациски пропусти, со став дека ваквите инциденти се резултат на насилничкиот однос на поединци.
- Ние работевме напорно и многу во однос на безбедноста на стадионите. Веројатно како никогаш до сега Комисијата за безбедност во ФФМ работи според програма и кодекс кој мора да го почитуваат сите клубови. Но, на крајот сето тоа се сведува на поединци, кои свесно или несвесно, го прават тоа што го прават и ние за жал можеме многу малку да влијаеме, па дури и МВР некогаш тешко се соочува со таквите проблеми, изјави Златко Андоновски, портпарол на ФФМ.
Мирко Трајановски
http://telma.com.mk/vesti/mvr-i-komitite-se-obvinuvaat-za-incidentot-vo-bitola
Извор: “Телма“
|