ПОРАДИ „РАСПУКАЛА ШАР ПЛАНИНА“, ДЕМОЛИРАН „ЊУ ОРЛЕАНС“
Од соседниот локал на Албанец земам кафе, од друг слатки, од трет храна. Ние овде работиме заедно. Дење кога нему му требаат маси, сам зема од моите бидејќи мене не ми требаат, но мој келнер менува пепелници. Така е со години, заедно си помагаме колку што можеме, вели сопственикот на демолираната кафеана
Песната „Распукала Шар Планина“ била причина поголема група хулигани завчера ноќта да влезе во кафе-барот „Њу Орлеанс“ во Старата скопска чаршија и да го демолира, при што биле повредени неколку гости и вработени. Во насилството бил повреден и менаџерот на кафе-барот Жарко И., кој добил расеченица на лицето. Сопственикот вечерта го прославувал и својот роденден.
„Овие два конца на лицето ми се подарок за роденденот што го славев вчера“ - на шега вели менаџерот.
Според Жарко, група од 10 до 15 момчиња на возраст од околу 20 години влегле во локалот испровоцирани од песната „Распукала Шар Планина“ од Влатко Стефановски.
-Удираа жени, кршеа маси, мобилни телефони. Го скршија лаптопт на диџејот од каде што пушташе музика. Беа како фурија. По насилството веднаш се разбегаа. Не беа маскирани и не носеа оружје, удираа со тупаници. Знам дека се повредени тројца, четворица гости. Еден има исеченица од стакло по половината. Девојка која е вработена во локалот беше удрена со тупаница. Ова е класично насилство. Се надевам дека ќе се најдат насилниците и ќе бидат казнети - вели сопственикот.
Според полицијата, непознато лице околу полноќ влегло во кафе-барот „Њу Орлеанс“ и почнал расправија со диџејот барајќи да не се пушта македонска музика. Потоа заминал, но за кратко пак се вратил заедно со неколку момчиња. Насилниците го демолирале локалот, а кога вработената сакала да повика полиција, тие ~ го зеле телефонот и ~ го скршиле удирајќи го од земјата.
- Најголем дел од репертоарот на музиката што се слуша во кафе-барот се чалгиите и македонската музика. Во критичното време тројцата музичари што свират чалгии во кафе-барот, правеа пауза и седеа на масите пред локалот. И јас бев надвор, а диџејот продолжи да пушта македонска музика. Тогаш во локалот влезе 20-годишно момче кое веднаш отишло кај диџејот и го прашал „која е оваа песна што ја пушташ?“. Kога диџејот му одговорил, насилникот му удрил шлаканица и излегол. По само пет минути истото момче, но овој пат заедно со уште 10-15 други влетаа во локалот и почнаа да кршат. Јас тогаш влегов внатре и прашав еден од нив што е проблемот. Но тие ми го зедоа бастунот и со него почнаа да ги удираат гостите и да го кршат инвентарот. Kршеа стаклени шишиња, чаши, мобилни. Откако завршија со насилството, се разбегаа. Верувам дека ова е излиран случај и дека ќе биде расчистен - вели Жарко.
Kафе-барот „Њу Орлеанс“, вчера беше отворен, а гостите седеа на масите надвор. Скршените стакла и дел од скршениот инвентар внатре с` уште сведочеа за насилството што се случувало завчера околу полноќ. Kафето што го порачавме, сопственикот ни го донесе од соседниот локал, сопственост на Албанец.
- Посакувам секој да има вакви соседи како што имам јас овде. Од овој соседен локал земам кафе, од другиот слатки, од оној таму земам храна. Ние овде работиме заедно. Преку ден кога нему му требаа маси, сам зема од моите маси бидејќи мене не ми требаат, но мој келнер менува пепелници. Навечер, пак, кога мене ми треба маса плус, јас не ги прашувам од соседниот локал дали можам да ја земам масата. Јас ќе ги сместам моите гости на маса во неговиот локал, а услугата е моја. Така е три години, заедно си помагаме колку што можеме - вели Жарко.
Дуќанџиите на соседните локали на „Њу Орлеанс“ само ни ги потврдија тврдењата на Жарко.
- Одлично соработуваме и си помагаме. Мои гости седат таму, негови кај мене. Во чаршијава сум повеќе од 10 години. Досега овде не се случувале вакви инциденти, ниту, пак, јас сум имал проблеми со „Њу Орлеанс“ - вели сопственик на дуќан во Старата скопска чаршија.
Даниела Вељановска
Извор: “Дневник“
|