Толковниот речник сведочи дека сме народ со богата лексика
Она што беше сон и кошмар во исто време, како што беше истакнато на една од промоциите на првите томови од Толковниот речник на македонскиот јазик, стана - реалност. Наскоро излегува шестиот и последен том од Речникот, со што се заокружува можеби најзначајниот проект во македонската наука за јазикот. Конечно, Македонија нема да биде единствената држава во Европа што и во почетокот на 21 век нема толковен речник
ДОСТИГНАТ ВРВОТ ВО МАКЕДОНСКАТА НАУКА ЗА ЈАЗИКОТ
По цели 14 години Македонија конечно го добива својот Толковен речник на македонскиот јазик, во шест тома, со вкупно 100.000 збора. Последниот том излегува есенва, во издание на институција на која јазикот ѝ е прв и последен интерес - Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“. Патот дотука беше толку трнлив што ни најфината, свечена атмосфера на повеќекратните промоции на одделните томови не можеше да го затскрие револтот на вработените од Институтот што работеа на овој проект. За нив, како што повеќепати се осмелија да кажат, Толковниот речник е и сон и кошмар во исто време - алудирајќи на многубројните финансиски и кадровски тешкотии со кои се соочуваа.
Сепак задоволството е големо затоа што конечно Македонија нема да биде единствената држава во Европа што и во почетокот на 21 век нема толковен речник. Особено што токму сега идентитетот, изразен пред сѐ преку јазикот, е најактуелен и најгорлив проблем и највисок приоритет за опстојување на државата, па дури и на нацијата. Уште поголемо е задоволството што сработеното покажува дека македонскиот народ има богата лексика. Оваа публикација е капитална по многу нешта, прво затоа што пополнува голема празнина во македонската лексикографија, а второ и најважно дека јазичното богатство вметнато меѓу кориците на овој и на претходните томови покажува колку е единствен и поинаков нашиот јазик од другите.
- Со изработката на Толковниот речник на македонскиот јазик ние всушност правиме споменик што никој не може да го урне. Режимите се менуваат, идолите исто така. Ние со нашата работа ја фиксираме актуелната лексика на македонскиот јазик за еден просечен говорител. Во речникот ќе најдете многу зборови на кои малку сме подзаборавиле, но и многу актуелни во сегашниов миг. Ќе најдете и различни толкувања од претходните лексикографски изданија, бидејќи во меѓувреме дошло до промена на статусот на тие лексеми, било во нивните значења, било по однос на употребата. Таков збор е на пример „самоуправување“, кој во едно од значењата добива ознака историцизам, со оглед на промената на општествено-политичката ситуација. Сето тоа си наоѓа свој одраз во речникот - појаснува Снежана Велковска, научна советничка во Институтот за македонски јазик и раководителка на проектот Толковен речник на македонскиот јазик.
Ваквиот тип речници се многу важни за секоја нација, бидејќи го покажуваат не само богатството на еден јазик, многузначноста на зборовите, туку и како треба да се употребуваат некои единици, на кои им се дава предност, тоа е и израз на јазичната политика во државата, вели Снежана Велковска, научна советничка во Институтот за македонски јазик и раководителка на проектот „Толковен речник на македонскиот јазик“.
Есенва излегува последниот том од Толковниот речник. Што ќе добие македонската стручна и воопшто јавноста со овој проект?
- Македонскиот народ, македонската наука за јазикот, тука и во светот, ќе добие опис и попис на македонската лексика на почетокот на 21 век. Самиот термин толковен или, поинаку кажано, дескриптивен, значи дека во речникот зборовите се толкувани на македонски јазик. Речникот во извесна смисла има и нормативен карактер, ознаките за сферата на нивната употреба се многу значајни. Во Речникот имаме внесено и зборови со ознаката нестандардно, што значи дека се среќаваат во употребата, ама не се сметаат за литературна норма. Знаете, кога читате едно литературно дело, таму ќе најдете секаква лексика, во зависност од темата, од авторот итн. Читателот односно преведувачот на секој од тие зборови треба да ги разбере и да им го најде значењето, ако се работи за превод, соодветно да ги преведе. Ако ние не ги забележиме, каде ќе ги најде еден просечен читател?
Науката за јазикот одамна го има апсолвирано заклучокот дека никој не може со сигурност да знае колкав број зборови користат луѓето што меѓу себе се разбираат на некој јазик... Но дава ли Толковниот речник некакви показатели за тоа?
- Лексиката на еден јазик претставува отворен систем, што значи нема крај и никој со сигурност не може да каже колкав е нивниот број. За тоа колку зборови употребуваме во секојдневната комуникација ќе наведам само неколку податоци. Имено, според Фреквентниот речник на в. Нова Македонија од Д. Стефанија, в. „Нова Македонија“ за периодот септември-октомври 1981 година содржи 4.200 лексеми. Бл. Конески, според М. Томиќ, употребил 6.904 лексички единици во своето творештво, од кои во поезијата 3.278, а во прозата 5.273, а според Т. Димитровски, Кочо Рацин употребил 1.704 зборовни единици во целокупното творештво.
Каква ќе биде улогата на Речникот денес, кога во јазикот секојдневно навлегува туѓа лексика, особено како последица на глобализацијата и на интернет-комуникацијата?
- Лексиката е сеизмограф на општествените промени во најширока смисла. Нормално е (ама некои тоа не сакаат да го прифатат) дека од излегувањето на Речникот на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања има поминато речиси половина век. Најнормално е да има промени, без разлика дали некому тоа му се допаѓа или не. Друг проблем е процесот на глобализација со кој е зафатен и македонскиот јазик. На светско ниво, лингвистите не можат да се справат со наездата на англискиот јазик, особено во некои сфери. На пример, компјутерската терминологија навлегува и во јазици со многу поголем број на говорители од македонскиот. Од друга страна, системот тешко го следи овој наплив на англицизми. Ќе наведам само еден пример. Познато е дека многу е актуелно т.н. пиарење, т.е. пиар-агенција, пир-менаџер, пиар итн., не е можно да се наведат сите деривати од пиар. За илустрација ќе наведам дека во рускиот јазик има над 80 деривати од пиар. Пиар не е наведено како занимање, ни како дејност во Националната класификација на занимања на Заводот за статистика, што е официјален државен документ. За таа некоординираност, ќе наведам уште еден пример. Во истата класификација го има занимањето чипкар, тој што изработува чипка, а нормата ја препорачува лексемата тантела. Тантелар не е забележан во споменатата класификација. И многу други прашања што сериозно го загрозуваат системот.
Што се однесува до Интернет и компјутерската терминологија, постои проект што се занимава со оваа проблематика, солидно платен за разлика од Толковниот речник на македонскиот јазик. Во наш домен е дали некој од тие термини ќе ги вклучиме во обработката или не.
На промоцијата на еден од томовите рековте дека за редакцијата Речникот е сон и кошмар во исто време. Се надминаа ли некои од проблемите во изминатиов период?
- Обработката на материјалот за Толковниот речник на македонскиот јазик започна под директно влијание на Министерството за наука. Беше формирана комисија со претставници на МАНУ, Филолошкиот факултет и на Институтот за македонски јазик. Јас во тоа време бев раководител на проектот Интенцијално-синтаксички речник на македонските глаголи, речник што излезе во 6 тома и кој во светската славистика е многу високо оценет. Кога го завршивме овој проект, комплетниот тим помина на обработка на Толковниот речник, бидејќи во Одделението за лексикологија и лексикографија имаше само двајца асистенти. Истовремено беа поканети сите лексикографи и лексиколози што во тоа време работеа во Институтот и на Филолошкиот факултет на сите катедри. Се започна со многу ветувања, од кои не добивме ни 2 отсто. Иако се обврзаа да работат на проектот, колегите од факултетот (освен проф. Живко Цветковски и проф. Кирил Конески, кој веќе беше во пензија) не одговорија на прифатените задачи, бидејќи без пари никој не сакаше да работи. Чест на исклучоците, кои во стартот кажаа дека имаат други планови. Па, така, остана само тимот од Институтот. Може да се спореди бројот на соработници во првиот том и во последниот, па сè ќе ни стане јасно. Покрај несоодветното финансирање, се соочувавме со несоодветна техничка поддршка. Имаше периоди кога за нашите застарени компјутери немаше делови, бидејќи такви веќе не се произведуваа. Освен тоа, пред или по излегувањето на секој том се случуваа секаков вид притисоци, така што јас станав, буквално, државен непријател број еден. Ме прогласуваа дека сум криминалец, дека сум го украла ланскиот снег и многу други небулози од најразличен тип. Се разбира, ништо од тоа не можеа да докажат, бидејќи мојата единствена вина беше тоа што покажавме дека може да се сработи нешто ако се сака. Поставивме високи стандарди. Во странство колегите ни оддаваат признание за Речникот, а тука нѐ гледаат како мува во матеница. Капак на сè беше кога Министерството ни го одзеде третиот кат на Институтот и му го додели на Институтот за литература. Никогаш нема да ги заборавам зборовите на господинот Поповски (бивш кандидат за претседател на државата), кој за нашите картотеки рече дека се тоа ливчиња полни со прав и дека сето тоа треба да се исфрли. Тие ливчиња полни со прав сега се заштитени со Законот за културно наследство. Нашата картотека мораше да се пресели во холот на Институтот без можност за развој и за работа. Кога нашиот речник се постави на Интернет, никој не најде за сходно да ги заштити нашите авторски права. Работата стигна дотаму што во еден период имав закани по сопствениот живот, доживував напади на мојот научен интегритет, компетентност и сл. За последниот том немаше пари за печатење, но со посебно залагање на директорката Веселинка Лаброска, пари се обезбедени и Речникот ќе излезе навреме.
Морам да го кажам и следното. Ниту еден директор на Институтот за македонски јазик не најде за сходно парично да го награди тимот. Со парите од продажбата преживуваше Институтот, се плаќаа чистачки, чувари, вода и парно греење. Одговорно изјавувам дека Речникот го работиме од патриотски причини, само за плата. Ама задоволството од сработеното е огромно. Сега никој повеќе не ни префрла нам, како на Македонци, дека немаме Толковен речник. Сега како недостатоци на македонската наука за јазикот се споменуваат речникот на синоними, на антоними, етимолошки речник, дијалектен речник, речник на архаизми и особено важно немаме електронски корпус на Интернет. Поле за работа има, некои од посочените проекти се започнати. Само да има кој тоа и да го сработи. Со излегувањето на последниот том од Толковниот речник на македонскиот јазик работата над Речникот не завршува. Секогаш кај вакви проекти важи правилото кога ќе се дојде до буквата Ш, се започнува повторно од буквата А. Нешто како Сизиф и каменот.
Ќе завршам со уште една констатација. Еден академик по еден повод во Институтот за македонски јазик рече: „Толковниот речник е како хоризонтот, колку повеќе му се приближуваш толку повеќе се оддалечува“. Еве, направивме парадокс, хоризонтот го поставивме на работните маси и полици на сите заинтересирани и, се надевам, добронамерни, кои сепак ги има повеќе од оние другите.
Речникот е како минско поле
Дали досега сработеното покажува дека македонскиот народ има богата лексика? Ќе може ли конечно да докажеме (на оние што не мислат така) дека македонскиот не е сиромашен јазик?
- Речникот е проектиран на 100.000 збора, што значи дека е од среден обем. Најчесто луѓето не разбираат или не знаат што значи тоа. Тоа никако не значи дека македонскиот јазик има 100.000 збора, туку дека ние, неговите обработувачи, сме се решиле за ваков обем поради условите во кои работиме, време, тим за работа, технички помагала и сл. Во науката за јазикот, поточно во лексикографијата, речниците се делат на мали, средни, големи и тезауруси. Со последниов тип најчесто нѐ споредуваат, се разбира од незнаење, бидејќи таквите речници ги содржат сите (?) зборови што еден јазик ги има, дури и т.н. авторски неологизми, еднаш употребени и сл. Кај нас сите сè знаат, а особено за јазикот, па никој за ништо не прашува, уште помалку му текнува дека за тоа треба и да се плати. Па, така, имаме ситуации кога толку несоодветно се употребува одредена лексика, на пример во „новокомпонираните“ народни приказни, состојба што јас ја нарекувам „принцезата во мини-здолниште“. Или филм со проблематика од илинденскиот период со изгубен вокатив, што е во крајна линија неточно.
Во основата на Толковниот речник се науката и нејзините достигнувања. Се разбира, основа е богатата картотека на современиот македонски јазик. Од особено значење се дијалектолошките проучувања, но, за жал, немаме дијалектен речник. Ако нешто е потврдено во литературата дека го има на целата македонска територија, нема дилема дека треба да си најде место во Речникот. Ќе посочам само еден пример. Со години се сугерираше дека лексемата иње е српска. М. Киш документирано потврди дека ја има на целата јазична територија, а посочените литературни форми сињак и укит се ограничени, првиот е западномакедонска лексема, а вториот е карактеристичен за источните говори. Ние го напуштивме принципот дека нешто ни е добро за уво, ние го знаеме, познато ни е и ни се допаѓа. Тоа е проблемот со т.н. србизми, кои се прогласуваат за такви само затоа што личат на зборови од српскиот јазик. Да не заборавиме, основата на нашиот јазик е старословенскиот и нормално е многу зборови да имаат ист корен, со различни суфикси и фонетско-морфолошки карактеристики.
Речникот е како минско поле, секој може да каже зошто го нема овој збор, или зошто го има, или ова значење јас го знам а го нема во речникот. Речник, воопшто, се работи по строго утврдени правила од кои нема отстапки.
|
|
|
|
Автор: Весна Дамчевска / vesna.d@novamakedonija.com.mk
Извор: “Нова Македонија“
|
|
|