Main » 2014»October»8 » Седумдесет години од објавата на „Песни“ на Ацо Шопов
1:55 AM
Седумдесет години од објавата на „Песни“ на Ацо Шопов
Седумдесет години од објавата на „Песни“ на Ацо Шопов
Свечен собир по повод 70-годишнината од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија, стихозбирката „Песни“ од Ацо Шопов (1944 г.), ќе се одржи денеска напладне во Друштвото на писателите на Македонија
Македонската поезија ја има задолжено светската култура со неколку поети, меѓу кои Ацо Шопов е несомнено еден од најзначајните
ЈУБИЛЕЈ
Собирот ќе го отвори претседателот на ДПМ, Веле Смилевски, а за литературно-историските аспекти на стихозбирката на Шопов ќе зборува Соња Стојменска-Елзесер. Средбата ќе биде збогатена со искажување на Гордана Михаилова-Бошнакоска на тема „Очите и љубовта во поезијата на Ацо Шопов“ и со сеќавања на Михаил Ренџов за Ацо Шопов.
По повод одбележувањето на овој значаен книжевен датум, издавачката куќа „Сигмапрес“ објави фототипско издание на книгата „Песни“. Реализаторката на овој оригинален издавачки проект, Маја Бојаџиевска, ќе има искажување на тема „Седумдесет години подоцна“.
Јубилејот утре ќе го одбележи и Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со промоција на повеќејазичен интернет-портал „Лирскиот дом на Ацо Шопов“. Ќе се обратат Славица Велева, деканка на Филолошкиот факултет, Весна Мојсова-Чепишевска, раководителка на Катедрата за македонска книжевност, а порталот ќе го претстави Јасмина Шопова, препејувач и ќерка на поетот, која е и носителка на овој проект.
Македонската поезија ја има задолжено светската култура со неколку поети, меѓу кои Ацо Шопов (1923-1982 г.) е несомнено еден од најзначајните. Неговите збирки „Песни“, „Небиднина“ и „Гледач во пепелта“ се едни од најфасцинантните.
Тој е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка „Песни“ e прва книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и негов член од основањето во 1947 г., прв претседател на Советот на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите од нејзиното основање (1967 г.), член на Македонскиот ПЕН-центар, долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, главен уредник на повеќе списанија, меѓу кои и сатиричниот весник „Остен“. Бил и амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971-1975 г.), а ја завршува својата кариера како претседател на Републичката комисија за културни врски со странство.
Ацо Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици.
АцоШопов ДВЕ ПЕСНИ РАЃАЊЕ НА ЗБОРОТ Глужд на глужд, Камен врз камен. Камена шума изѕемнина. Глужд на глужд. Камен врз камен, од камен и ние обата. Чади ноќта. Зборот се двои од темнина. Модар јаглен му гори во утробата. О ти што постоиш зашто не постоиш, небото го лулаш, земјата ја вртиш. О ти што постоиш зашто не постоиш, земјата јачи под камени плочници. Иде замелушен од своите смрти зборот што ги крши сите слепоочници. Глужд на глужд. Камен врз камен. Својот гроб со прокуда го копам. Отвори ме проклетио, ти тврдино камена, да изгорам во јагленот на зборот, да се стопам. ГЛЕДАЧ ВО ПЕПЕЛТА Изгасни песно во огнот што го запали сама. Прска зборот и исчезнува во пепел од кремен. Гледачу во пепелта, ја препозна ли во неа исконската драма што доаѓа од дното на овој извор темен. Песно, те откинав од клунот на птица во крвта што ми лета, од црвеното небо на запалените вени, од тие далноводи на два непомирливи света, тие изгрејсонца со неодгатнати мени. Те откинав од гневот на иконите, тие неразбирливи гами, од громот врз копјето на воинот со камен што е сраснат, од сонот на тие повисоки што се од сонот што ги мами, и што се раѓаат пак откако еднаш згаснат. Сега сме два света, два врага, две завојувани страни, сега сме војна без излез и кама против кама. Кој е победен? Кој е победник? Кој е изгрев на осмислени рани? Изгасни песно во огнот што го запали сама. АцоШопов
Only registered users can add comments. [ Sign Up | Login ]