Четиријазичен портал „Лирскиот дом на Ацо Шопов“
„Лирскиот дом на Ацо Шопов“ е насловен четиријазичниот интернетски портал www.acosopov.com посветен на еден од основоположниците на современата македонска поезија. Порталот, кој денеска беше промовиран на Филолошкиот факултет во Скопје, нуди панорама во зборови и слики од животот и делото на Ацо Шопов - на македонски, француски, германски и на шпански јазик
Објавениот архивски материјал на порталот е од личните фондови на сопругата и синот на поетот, Светлана Шопова и Владимир Шопов. Идејата за неговото создавaње е од 2012 година, кога беше објавен двојазичен избор од поезијата на Шопов на француски и на германски јазик, насловен „Црно сонце“ . Иницијативата беше на Ролан Кајзер, директор на издавачката куќа „Фи“ од Луксембург, и на Јасмина Шопова, ќерка на Ацо Шопов и толкувач и преведувач на неговата поезија.
Ацо Шопов е прв македонски автор од многубројните светски автори што се објавени во „Фи“. По повод промовирањето на повеќејазичниот интернетски портал, директорот на таа издавачка куќа Кајзер истакна дека бил импресиониран од интересот за изборот од поезијата на Ацо Шопов што овој издавач го објави под наслов „Црно сонце” и кој беше промовиран во МАНУ во 2012 година.
- Огромно задоволство ми е што по две години напорна работа, мојата идеја за еден ваков портал стана реалност и што „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ денес и станува достапен на македонската публика, како и на публиката од француското, германското и шпанското говорно подрачје, изјави Кајзер.
Со промовирањето на овој интернетски портал Филолошкиот факултет во Скопје го одбележа и седумдеценискиот јубилеј од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија – стихозбирката „Песни“ од Шопов. Тој повод вчера го одбележа и Друштвото на писателите на Македонија со свечен собир, на кој беше промовирано фототипско издание на оригиналната стихозбирка објавена во 1944 година.
Извор: “Нова Македонија“
|