Ноам Чомски: САД го создадоа фундаменталистичкиот Франкенштајн на Блискиот Исток
„Украина сигурно е наредниот зрел плод што САД се надеваат дека ќе го соберат од дрвото. Соединетите Американски Држави се во коренот на сегашната украинска криза“, вели Чомски.
Појавата на ИСИС и генералното ширење на радикалниот џихадизам е мошне природен израсток на чеканот со кој Вашингтон мавташе над кревкото општество на Ирак, кое едвај опстојува по еднодецениските санкции на САД-Велика Британија, кои беа толку огромни што обајцата угледни меѓународни дипломати што ги спроведуваа преку ОН поднесоа оставка во знак на протест, обвинувајќи дека санкциите се „геноцидни“, вели „најважниот жив интелектуалец“ Ноам Чомски, лингвист, филозоф, социјален и политички критичар, во интервју за порталот Трутаут, по повод излегувањето на неговата нова книга „Господарите на човештвото: есеи и предавања 1969-2013“.
Еден од најугледните американски мејнстрим-аналитичари на Блискиот Исток, бившиот ЦИА-оперативец Греам Фулер, неодамна напиша дека смета дека Соединетите Држави се еден од клучните креатори на ИСИС. „Соединетите Држави не го планираа создавањето на ИСИС, но нивните деструктивни интервенции на Блискиот Исток и војната во Ирак беа главните причини за раѓањето на ИСИС“.
Исто како и Британија пред тоа, САД имаат тенденција да го поддржуваат радикалниот ислам и да му се спротивставуваат на секуларниот национализам, за кој обете империјални држави сметаат дека е позаканувачки за нивните цели на доминација и контрола, вели Чомски. Кога секуларните опции ќе пропаднат, верскиот екстремизам честопати го пополнува вакуумот. Исто така, главниот сојузник на САД низ годините, Саудиска Арабија, е најрадикалната исламистичка држава во светот, а и мисионерска држава, која ги користи своите огромни нафтени ресурси за да ги наметнува своите екстремистички вахабистички/салафистички доктрини преку воспоставување училишта, џамии и слично, а исто така е примарен извор на финансирање на радикалните исламистички групи, заедно со Заливските Емирати – од кои сите се американски сојузници, вели аналитичарот.
„Меѓутоа, религискиот фанатизам се шири и на Запад, додека демократијата гние. САД се најдобриот пример за тоа. Не постојат многу земји во светот во кои огромното мнозинство верува дека Господ ја управува еволуцијата, а речиси половина од нив мислат дека светот бил создаден пред неколку илјади години.“
На прашањето кои се целите на американската политика во Украина, „освен што предизвикува неволји и потоа остава другите да ја извршат валканата работа“, Чомски одговара:
„Веднаш по паѓањето на Берлинскиот ѕид, а потоа и по распадот на СССР, САД почнаа да бараат начини да ја прошират својата доминација, меѓу кои е и членството во НАТО, во регионите што беа ослободени од руска контрола – прекршувајќи ги усните ветувања дадени на Горбачов, чии протести беа отфрлени. Украина сигурно е наредниот зрел плод што САД се надеваат дека ќе го соберат од дрвото. Соединетите Американски Држави се во коренот на сегашната украинска криза.“
Запрашан дали има надеж за иднината на човештвото, големиот интелектуалец вели: „Ако му подлегнеме на очајот, ќе помогнеме да се случи најлошото. А ако ја грабнеме надежта што постои и ако се трудиме да ја искористиме на најдобриот можен начин, можно е светот да стане подобар. И нема некој голем избор.“
Извор: “МКД“
|