Празнина КОЈА сјае: Македонија Wednesday, 2024-12-04, 9:14 PM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  October 2014  »
SuMoTuWeThFrSa
   1234
567891011
12131415161718
19202122232425
262728293031
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2014 » October » 11 » Дојранско Езеро до март ќе го дели мирот со птиците
    3:00 AM
    Дојранско Езеро до март ќе го дели мирот со птиците

    Дојранско Езеро до март ќе го дели мирот со птиците

    Птиците владеат со просторот. Некои се капат во езерските води, патките ги апсорбираат сончевите зраци. Чапјите прават кругови над езерото за да привлечат внимание. Други се позиционирале на дрвјата во езерото, некои од нив се скриле во трските. Овде и врапчињата имаат поинаков сјај и одлично ја дополнуваат приказната

     

    ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ТУРИСТИЧКАТА, ПОЧНУВА СЕЗОНАТА НА ПТИЦИТЕ

    Откако летната туристичка сезона ќе заврши и туристите ќе си заминат, птиците-преселници се упатуваат кон југ, а Дојран и Дојранско Езеро уживаат во комплетен мир. Но не се сами, го делат мирот со птиците што масовно го населуваат езерото во текот на зимата. Пеликани, корморани, неколку вида чапји, патки, галеби, гаврани, можат да се сретнат како уживаат во езерската шир. Некои се староседелци. За некои Дојранско е само попатна станица, привремено пристаниште, на пример за розовите фламинга. Ќе слетаат, ќе направат почивка, ќе го дегустираат рибниот фонд и ќе си заминат. А некои овде презимуваат. 
    Нивниот број деновиве постојано се зголемува, затоа што тие почнуваат да доаѓаат од Преспанско Езеро, од северните делови на Европа, од секаде. Ќе останат овде до крајот на зимата. 

    Топлата вода, богатото мени што го нуди дојранскиот крај, трските што им го олеснуваат ловот се само дел од причините поради кои птиците се стационираат овде и го окупираат езерото. 

    Уште рано наутро панорамата на Дојранско е исполнета со птици. Некои дрско ловат, како кормораните, тие се големи љубители на риба, нуркаат во водата и ги фаќаат рибите. Пеликаните, пак, чекаат храна на готово, или од мрежите на рибарите или од устата на кормораните. 

    Птиците владеат со просторот. Ненаситно се насладуваат од мирот со кој располага овој регион. Некои се капат во езерските води, патките ги апсорбираат сончевите зраци. Чапјите прават кругови над езерото за да привлечат внимание. Други се позиционирале на дрвјата во езерото, некои од нив се скриле во трските. Овде и врапчињата имаат поинаков сјај и одлично ја дополнуваат приказната.

    ПЕЛИКАНИ, КОРМОРАНИ, ЧАПЈИ, ГАЛЕБИ, НО И ФЛАМИНГА

    Со чамецот на рибарот Бошко Шкариќ ѝ се доближивме на оваа божествена убавина. Свртивме неколку крукчиња низ езерото, им го нарушивме мирот на рибарите и накратко уживавме во друштво на птиците, во нивните акробации и звуци. Со свои очи се уверивме дека езерото е богато со риба, па ни стана појасно што бараат птиците овде. 

    Со полнењето на Дојранско Езеро се поплавени дрвјата на крајбрежјето, а со тоа неговите летачки жители добиле островчиња за почивка. Трските што ни ја цртаа маршрутата на пловење дополнително нѐ потсетуваа дека сме во Дојран. Препознатлива е и зелената боја на матното езеро, која е добиена од цутот на алгите, познати по својата чудотворна моќ. Чудната и навидум непријатна мешавина на мириси не може да се почувствува на ниту едно друго место, единствено се доживува и вдишува токму на Дојранско Езеро.

    Во оваа рана есен птиците и рибарите го имаат езерото за себе од рани зори до квечерина. Рибарите се најблиску до птиците, заедно ловат риба, си помагаат. Најдобра комуникација имаат со пеликаните, им слетуваат покрај чамецот наутро и алчно им ја крадат рибата.


    - Педесетина пеликани имаше утрово околу мене, и секое утро е така. Кога ги вадиме мрежите со риба од езерото, секогаш се први до нас, чекаат да се нагостат. Тие се готовани, на готово сакаат да добијат храна. Не ловат сами. Кормораните вадат по неколку риби од езерото и овие од уста им ги земаат. Овде постојано има птици, тоа е нешто вообичаено за нас, но бројот им се зголемува зимно време, затоа што езерото изобилува со храна - вели Шкариќ.

    Дојранско Езеро е познато по традиционалниот начин на ловење риби со помош на птици-корморани во огради од трска, т.н. мандри. Локалната самоуправа реши да го врати традиционалниот начин на риболов, што ќе значи и своевидна атракција и збогатување на понудата за туристите.

    - Повеќе од три месеци сум во Дојран и секој ден го гледам езерото, кое има поинаква убавина секој ден. Последниов месец забележав повеќе видови птици - пајки, корморани, пеликани... Еден ден забележав и птици што личеа на штркови, а всушност беа розови фламинга. Имаа долги црвени и тенки нозе. Можеа да се видат на неколку дена, потоа ги снемуваше, па претпоставувам дека ова им е само станица за одмор. Тука најверојатно закрепнуваат од долгиот пат и повторно продолжуваат кон потопли краеви - вели Славица Тасева, жителка од Струмица. 

    Некои птици презимуваат во Дојран, а други се само на минување

    ЕЗЕРОТО ЗБИРНО МЕСТО НА ПТИЦИ

    Дојранско Езеро е подрачје што изобилува со разновиден жив свет и токму затоа е прогласено за клучно подрачје за биолошката разновидност во медитеранската „жешка точка“. Поради присуството на значајни видови птици и растенија, тоа е и глобално значајно подрачје за птици и значајно растително подрачје, ни посочија од Македонското еколошко друштво. 

    - Особено е значајно за зимската преселба на водни птици, која веќе е почната и наскоро ќе стане особено интересна. За времето на оваа преселба, кога водните птици од северните делови на Европа се селат во јужните делови, над Дојранско Езеро може да прелетаат птици што инаку не се гледаат во Македонија. Веројатно најинтересните видови птици за набљудување што се среќаваат во Дојран се кадроглавите пеликани, кои се загрозен вид, малите корморани, неколку вида чапји (сива, црвена, ноќна, голема и мала бела чапја), цуцулест и мал нуркач, мал воден бик и неколку вида патки (сива патка, патка свиркач, кожувар, дива патка и патка берија), кои допрва ќе се соберат на површината на езерото - вели Ксенија Путилин од Македонското еколошко друштво (МЕД).

    МЕД секоја година организира следење на состојбата на водните птици во Дојран. Оваа година се надеваат дека ќе вклучат многу волонтери и заинтересирани граѓани. Овој мониторинг е дел од меѓународниот цензус на водни птици, кој се спроведува глобално и се одвива на строго определен датум секој јануари. Покрај научната важност на оваа активност, ова е и неверојатна можност да се ужива во миграцијата на птиците.

    - Дојран може да стане вистинска дестинација за еколошки туризам ако се развива одржливо и ако не ја загуби биолошката разновидност. Дојран е интересен и напролет поради ботаничките вредности, интересни видови пеперутки и вилински коњчиња и поради пролетната миграција на птици. Потребна е фокусирана активност во поглед на обезбедување услови за искористување на овој потенцијал и негова промоција. Нашиот проект „Едукација и јакнење на капацитетите за заштита на Дојранско Езеро“ има цел да поттикне создавање група локалци што се заинтересирани да ја зачуваат биолошката разновидност на езерото, бидејќи сметаме дека таа им припаѓа токму ним и тие најдобро би можеле да се грижат за неа. Првиот чекор кон зачувување на ова богатство е редовниот мониторинг на езерскиот екосистем. Граѓаните може да имаат голем удел во спроведувањето на ваков мониторинг - додава Путилин.

     

     
       
    Автор: Сања Јачевска / sanja.j@novamakedonija.com.mk

      Фотографија: Игор Бансколиев

    Извор: “Нова Македонија“

    Views: 465 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024