Во Велес изложба „Балканските војни во Македонија 1912-1913“
Во ликовниот салон во Велес денеска беше отворена изложбата „Балканските војни во Македонија 1912-1913“ од авторите проф. д-р Зоран Тодоровски и проф. д-р Александар Трајановски
Изложбата претставува фотографии од луѓе и настани од воените дејствија во Македонија за време на Балканските војни 1912-1913 година. На дваесетина паноа, како што појасни за медиумите, проф. д-р Зоран Тодоровски заедно со неговиот колега проф. д-р Трајановски настојувале низ голем број на документи и фотографии, скици и воени карти да ги прикажат воените дејствија од тоа време во Македонија. Тој појасни дека најголем дел од материјалите потекнуваат од Воениот архив од Велико Трново, Софија, Москва и Париз и првпат и се презентираат на јавноста преку оваа изложба.
- Преку оваа изложба сакаме да го одбележиме оној мошне значаен настан од историјата на Македонија, Балканските војни кои претставуваат распарчување не само на територијалната целост на Македонија туку и на македонскиот народ, потенцира проф. д-р Тодоровски.
Како што појасни Тодоровски, на овие фотографии и документи е претставено и учеството Македонците, а кои се бореле во состав на бугарската армија и македонски доброволни дружини, а кои први почнаа да ги ослободуваат македонските градови како Кратово, Куманово, Прилеп, Битола, Охрид, Дебар и други градови.
Во борбените дејствија учествувале вкупно 100 илјади Македонци, а во борбените дејствија за ослободување на македонските градови бил вклучен и целокупниот воен потенцијал на Македонската револуционерна организација со 47 свои чети.
Проф. д-р Александар Трајановски појасни дека велешани масовно се одзвале во Балканските војни особено во Првата, а биле мобилизирани во деветата доброволна дружина.
- За жал, наместо тука тие војувала во Одринско-Тракиско со 848 доброволци од велешкиот крај, а за што има зачувано многу документи, а тоа наскоро македонската јавност ќе го види во една публикација што ја правам заедно со колегата проф. Тодоровски, потенцира проф. Трајановски.
Проф. Трајановски воедно потенцира дека е трагично е и што загинатите Македонците за жал се погребани без идентитет во бугарски, српски и други гробишта.
Инаку, изложбата беше првично отворена пред две години во Куманово, а потоа и повеќе македонски градови. Во Велес денеска е отворена во рамки на прославата на претстојниот празник 23. Октомври - Денот на македонската револуционерна борба. МИА
Извор: “Нова Македонија“
|