ЈУЖНИОТ ТЕМПЕРАМЕНТ СЕ ИЗВИВА КАКО ЗМИЈА ОКОЛУ МОЈОТ ИНСТРУМЕНТ
Може да застане на сцената како солист со реномирани европски оркестри или во клуб со неговиот бенд „Kабадајас“, а веќе следниот ден негова целовечерна свита да биде изведена на еден од најпрестижните музички универзитети во светот. Горан Бојчевски е вљубеник во класичната музика, но патува и низ етномузиката, џезот, балканската музика. Негова страст е и компонирањето. Тој е Битолчанец со втор дом во Целје и првиот Македонец кој магистрира со највисоки оценки на престижниот „Моцартеум“ во Австрија. Токму оркестарот на овој универзитет деновиве премиерно го изведе неговото дело „РАУМ 4023“. Скопската публика имаше можност да го слушне како член на групата „Kабадајас“. Но, за жал, вели тој, с` уште не добил покана од дома за настап како кларинетист или композитор.
Бојчевски објаснува дека професорот Алоис Брандхофер во Салцбург го открил талентот за компонирање кај него и уште додека студирал почнал да компонира.
- Бев почестен што имав можност да напишам дело за нивниот оркестар. За овој проект беа поканети 10 најуспешни композитори од цела Европа како Теодор Буркали и Kристијан Офенбауер – вели Бојчевски.
Чека покана од дома
Тој додава дека македонскиот темперамент како змија се извива околу неговиот инструмент и неговите композиции.
- Oсновата на секој уметник се наоѓа во неговите корени. Kако ќе градиме ако немаме темели? Моите темели се во македонскиот темперамент, кој гордо го носам во себе. Секоја моја композиција извира од љубовта кон мојот народ, неговата историја, болката што тој народ ја носи низ вековите. Имаме толку богата култура, која се разликува од останатите на Балканот и во светот и тоа е она што го зајакнува нашиот идентитет – категоричен е Бојчевски.
Во Целје веќе си има создадено база. Таму беше изведено и неговото прво композиторско дело „Балкански портрети“ кое е прогласено за концерт за 2011 година во Словенија.
- „Балкански портрети“ беше вистински „бум“ во словенечката класична музика, иако преовладува македонскиот мелос. Секој став опишува една држава на Балканот. За жал, с` уште не сум добил ниту една покана, како композитор или како музичар, да се претставам на пошироката македонска јавност. Но никогаш не е доцна. Отворен сум за соработки и го ценам младиот ентузијазам и љубов кон музиката бидејќи од таму произлегува успехот – нагласува музичарот.
Треба да се искористи талентот
Тој свири на повеќе инструменти, но вели дека всушност свири на еден инструмент, кој произлегува од него, а тоа е музиката. Тој инструмент, додава Бојчевски, бара огромна посветеност, во секој момент на денот.
- Во Македонија имаме вистински таленти што треба да се насочуваат до светски музички успех. Но за тоа треба огромна посветеност, вера и професионален кадар со богати светски искуства што веќе се создава. Треба да продолжиме да работиме сите заедно во оваа насока – посочува Бојчевски.
За него кларинетот е инструмент кој има широк спектар на разни тонски бои и динамика и е одлично технички направен. Затоа треба да го искористиме.
- Kај нас најголемиот акцент е во народната музика, и тоа не е ништо погрешно, напротив, е одлично. Но треба да се стави поголем акцент на класичната и на џез-музиката – додава тој.
Соработуваше со кореографот Игор Kиров на музиката за балетот „Хе, хе, Хелиум“. Веќе работи на нов проект со авторска музика „Четири годишни времиња“ која ќе биде искористена за балет во Австрија.
Марина Лазаревска
Извор: “Дневник“
|