Доњецк и Луганск избираат претседател, само Москва ги поддржува
Во областите Доњецк и Луганск, во источна Украина, почнаа претседателските и парламентарните избори, и покрај негодувањето на Киев, Европската Унија и на Обединетите нации.
Изборите ги поддржа само официјална Москва.
Изборните места се отворени во осум часот по московско, односно во шест по средноевропско време, а ќе бидат затворени во 18 по средноевропско време, наведува АФП.
Премиерот на самопрогласената Доњецк Народна Република Александар Захарченко изразил надеж дека официјален Киев ќе ја признае оваа република и ќе ги врати „окупираните територии“ по денешните избори.
„Тие ќе нè признаат, ќе ни ги вратат окупираните територии и тогаш ќе живееме како рамноправни партнери“, им рекол Захарченко на новинарите откако гласал, пренесе Тасс.
Проруското население во Доњецк и во Луганск ги бојкотираше украинските вонредни парламентарни избори одржани на 26 октомври.
Украинските власти соопштија дека ќе покренат кривична истрага поради претседателските и парламентарните избори што се одржуваат денес во областите Доњецк и Луганск.
„Одржувањето на таканаречените избори на 2 ноември е спротивно на Уставот и претставува грабање на власта. Покрената е кривична истрага“, наведе Украинската служба за безбедност во соопштението што го пренесува АФП.
Извор: “МКД“
|