Вкупната површина на досега откриените делови од палатата е повеќе од 400 квадратни метри
ДЕТАЛИ ОД ИСТРАЖУВАЊАТА НА МАРКОВИ КУЛИ
Откривањето на палатата е многу значајно поради тоа што се потврдува највисокиот степен во развитокот на средновековниот Прилеп од последните децении на 13 и првите децении на 14 век, период кога тука била присутна Византија, вели Бранислав Ристески, раководител на проектот за истражување на Марковите кули, каде што деновиве е откриена доцносредновековна палата украсена со фрески.
Во комплексната доцносредновековна палата во северозападниот сегмент од секторот Сред Кули, според Ристески, се издвојуваат четири етапи на нејзината егзистенција.
- Првата етапа се поврзува со времето на највисокиот културно-цивилизациски развиток на средновековниот Прилеп - последните децении на 13 и првите децении на 14 век. Палатата е позиционирана непосредно до северниот одбранбен бедем на доцносредновековниот град. Изградена е врз урнатини од пространа доцноантичка градба. Тлоцртот на основниот сегмент од палатата има Т-форма. Должината на овој сегмент во правецот север-југ е 20 метри, а ширината е 15. Во рамките на овој дел од градбата досега утврдивме три простории со правоаголна основа. На југ од основниот дел од палатата врз гранитното плато се простира вториот сегмент од градбениот комплекс со димензии 17 на 12 метри. Овој сегмент се поврзува со нивото на вториот кат од палатата. Со тоа вкупната површина на досега откриените делови од палатата е повеќе од 400 квадратни метри - вели раководителот на истражувањата.
Масивните ѕидови на палатата се изведени од приделкани и нобработени камења поврзани со квалитетен варов малтер. Неколкуте фрагменти од фрески, откривани во културните слоеви што се поврзуваат со оваа етапа, упатуваат на констатација дека некои од ѕидовите на палатата биле украсени со фрески.
- Подовите во досега истражуваните делови од палатата биле изведени од керамички подни плочки, поставени врз супструкција од варов малтер. Датирањето на оваа етапа во последните децении на 13 и првите децении на 14 век е извршено врз основа на стратиграфските согледувања и на типолошките карактеристики на откриените наоди од садова и градежна керамика, монети, орудија и др. Втората етапа датира од втората третина од 14 век и се карактеризира со делумно користење на градбата, додека поголемиот дел од објектот е препуштен на постепена девастација. Во последната третина на 14 век, времето на кралот Волкашин и кралот Марко, е направен обид за реконструкција на објектот врз остатоците од 13-вековната палата, но со принципиелно поразлична техника на градба. Оваа етапа на палатата утврдивме дека е изведена на градежот во техника на камен и кал како врзивно средство. Подовите се изведени од слој од сиво-бел варов малтер, поставен врз супструкција од набиена земја - вели Ристески. Последната етапа истражувачите ја поврзуваат со времето од 15 до 17 век, кога имало делумно користење на остатоците од постарите објекти, при што новоизградените градби имаат производствено-живеалиштен карактер, што е во соодветство со времето на губење на значењето на населбата распространета врз Марковите кули и почетокот на оформувањето на современиот Прилеп во низината на исток од нив.
- Откривањето на палатата е многу значајно затоа што овој простор бил граничен пункт со Србија, а Прилеп го имал највисокиот развој во рамките на возобновената Византија. Откритието фрла нова светлина во распоредот на структуралните елементи на доцносредновековниот град - додава Ристески.
Истражувањата се дел од проектот реализиран од Институтот за старословенска култура-Прилеп, поддржан од Министерството за култура, и е паралелен на повеќегодишниот научноистражувачки проект „Доцноантички и средновековни населби со Северна Пелагонија, Мариово и Порече“, финансиран од Министерството за образование и наука.
- Централен предмет на проучување во двата проекти е развитокот на средновековниот Прилеп преку попродлабочена анализа на неговите структурални елементи: фортификација, живеалиштен сегмент, производствени целини, некрополи и др. Во основата на овие проучувања се наоѓаат сознанијата од долгогодишните истражувања на овој комплекс, надополнети со сеопфатни теренски истражувања и кабинетски проучувања, кои имаат нагласено ревизионен карактер, при што е нагласена потребата за попрецизно културно-хронолошко детерминирање на интегралниот развиток на населбата во двете основни етапи протоурбана етапа на населбата (крај на 9 и почеток на 10 век до првите децении на 12 век) и средновековната населба од градски вид (првите децении на 12 до крајот на 14 век) - објаснува Бранислав Ристески, раководител на проектите.
|
|