Досега се пронајдени околу 54 колци од објектите, како и голем број бронзени предмети
ПРОДОЛЖУВААТ ИСТРАЖУВАЊАТА КАЈ МРДАЈА
Наколната населба што беше откриена на дното на Дојранско Езеро постоела во истиот период кога историјата ја пишувале Хомер и Херодот, а се претпоставува дека е изградена 300-400 години пред нивното време. Ова се последните наоди од истражувањата на подводната населба во месноста Мрдаја, Стар Дојран, кои ги врши Заводот за заштита на спомениците и музеј Струмица, во соработка со гевгелискиот музеј.
Според археологот Зоран Рујак, предводник на ископувањата, локалитетот содржи богат материјал, составен од бронзени предмети што биле дел од домаќинството на жителите.
Живот над езеро
- Тоа е периодот каде што Хомер посочува за тројанските борби, а во истото време постои и оваа населба. Тој зборува за Пајоните и за тоа дека тие живееле во езерски населби од истиот тип. Тоа што е интересно е дека луѓето што живееле тука престојувале целосно во езерото, се хранеле од него и, како што пишува Хомер, дури ја хранеле и својата стока со риби, а езерото било преполно со нив - вели Рујак.
Тој додава дека сѐ уште не може со сигурност да се утврди дали во своите пишувања Хомер всушност го опишува токму Дојранско Езеро или, пак, се работи за друго езеро. Според него, самата населба веројатно е околу 300-400 години постара од онаа што ја опишува Хомер, односно датира од преодниот период меѓу бронзеното и железното време, кога се одвивале и тројанските војни, па оттука произлегува и потребата на населението да живее во населби над вода.
Куриозитет е и тоа што објектите не се наоѓале на една платформа, како кај наколната населба што пред неколку години беше откриена во Охридско Езеро, туку биле разделени и меѓусебно поврзани со мостови.
Уште една населба
кај селото Николиќ?
Дојранско Езеро првпат е пообемно истражувано токму на оваа локација каде што ископувањата почнаа пред три години, а на сличен начин, со градежни работи во 70-тите години од минатиот век, и во дојранското село Николиќ се откриени колци за кои се смета дека се од наколна населба.
- Населбата кај Мрдаја е единствена засега пронајдена во рамките на Дојранско Езеро, иако постојат индиции за уште една во Николиќ, но сѐ уште немаме потврда за тоа. Таа е интересна и затоа што пронајдовме огромно количество движни наоди што се врзуваат за долновардарскиот културен круг. Садовите се доста интересни и ни го посочуваат токму периодот на доцната бронзена епоха, а од нив највпечатливи се оние со мат сликана декорација. Тука има амфоровидни садови што содржат постмикенски карактеристики. Некои од нив се работени и на грнчарско колце, што претставува една специфика, бидејќи во праисторијата повеќе рачно се работело на керамика - вели Рујак.
Досега се пронајдени околу 54 колци од објектите, како и голем број бронзени предмети - ножиња, српови, јадици и една келт-секира, фрагменти од накит односно една игла, окосница и мноштво животински коски, меѓу кои на елен и на кучиња. Со ваквото откритие, смета Рујак, Дојран добива одлична можност за развивање на културниот туризам, кој е една многу значајна алка во целокупната туристичката понуда.
|
|