Унгарските законодавци изгласале амандман кој им овозможува на компаниите изградба на гасоводи дури и ако ги немаат лиценците потребни за нивно управување, пренесува Блумберг.
„Тоа е направено како еден вид поттик за Јужен тек и да ѝ се покаже на Русија дека Унгарија целиот проект го сфаќа сериозно“, изјавил експертот за регулативата во областа на енергетиката Атила Холода.
Јужен тек има големо значење за Унгарија бидејќи би ѝ обезбедил голема гасна безбедност, изјавил шефот на кабинетот на Орбан Јанош Лазар.
Унгарија сака да почне да го гради гасоводот во рок од шест месеци, изјавил Чаба Баји, претседателот на државната компанија МВМ Зрт која го формирала заедничкиот проект со руски Газпром за изградба на гасоводот. Новоформираната компанија нема лиценца за управување со гасоводот.
Гасоводот Јужен тек со должина од 2.446 километри би го пренесувал рускиот гас во Европа под Црно Море, давајќи алтернатива за гасоводите низ Украина. Капацитетот на гасоводот би изнесувал 63 милијарди кубни метри гас годишно, а би минувал низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија.
ЕУ ги блокираше работите на проектот и воведе економски санкции против Русија поради нејзиниот став околу Украина, а Брисел и Вашингтон во јуни извршија притисок врз Бугарија да ја сопре изградбата на Јужен тек.
Орбан, еден од најгласните критичари на европските санкции кон Русија, кон крајот на септември ги сопре испораките на гас кон Украина на „неодредено време“, само неколку дена по средбата со извршниот директор на Газпром Алексеј Милер. Газпром истовремено ги зголеми испораките на гас на Унгарија за околу 67 отсто.
„Орбан со руска поддршка ги тестира границите на ЕУ, но ЕУ ја сопре Бугарија, па ќе нѐ сопре и нас“, изјавил аналитичарот на унгарската Академија на науки Андраш Деак.
Извор: “МКД“