Издадена „Биографија“ избор од 85 песни на Гане Тодоровски по повод 85 години од неговото раѓање
Во издание на „Матица македонска" од Скопје излезе од печат избор од поезијата на академик Гане Тодоровски под наслов „Биографија". Со публикувањето на ова дело, во кое се застапени 85 песни, издавачот ја одбележува 85-годишнината од раѓањето на големиот македонски поет, научник и општественик.
Изборот на песните го направи поетот и литературен критичар, Раде Силјан, кој е автор и на предговорот посветен на делото на познатиот автор.
Во инспиративниот текст приредувачот на делото констатира, дека: „ Тодоровски беше сподвижник на круцијални настани, неразделно сврзани со општите состојби на нашата татковина. Болештините на татковината беа негови истрадани болештини, пресликани во богатото поетско творштво. Со своите ставови и сфаќања за одредени теми никого не оставаше рамнодушен. Како творец од висок ранг Гане Тодоровски беше поборник на прека реч, продуховена и исклучително прецизна. Спаѓаше во редот на афирматорите на новите појави и тенденции, но во исто време беше и бескомпромисен полемичар, без влакно на јазикот, особено кога се работеше за одбрана на достоинството на националните вредности“.
Извор: “МКД“
|