МОШТИТЕ НА АРХИМАНДРИТОТ АНАТОЛИЈ ЗОГРАФСКИ ПРИСТИГНАА ВО БИГОРСКИОТ МАНАСТИР
„Печат на посетата на делегацијата монаси од Бигорскиот манастир на манастирот ’Св. Георги’ на Света Гора, беше тоа што добивме мошти од светиот отец наш, архимандритот Анатолиј Зографски, бигорскиот монах“, со задоволство раскажува отец Партениј
Во преродбенскиот 19 век, Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ имал голема духовна поврзаност со Зографската обител. Последниве години овие врски како повторно да воскреснуваат во полн интензитет.
„Никогаш не би можеле да го заборавиме гостољубието на високопреподобниот отец Амвросиј, игумен на манастирот Зограф, и неговите пожртвувани браќа за честа што ни ја укажаа при нашиот престој“, вели архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, по враќањето од овој светогорски манастир.
„Печат на посетата на делегацијата монаси од Бигорскиот манастир на манастирот ’Св. Георги’, за продолжување и продлабочување на духовната врска на братољубието, беше тоа што добивме мошти од светиот отец наш, архимандритот Анатолиј Зографски, бигорскиот монах“, со задоволство раскажува отец Партениј. „Старецот Амвросиј со најголема љубов одвои честичка од черепот на отец Анатолиј, на овој богомудар преродбеник, и ја подари на Бигорскиот манастир. Неколку години Анатолиј бил епитроп на Зограф, а архимандритот Калистрат Зографски (Крстан Санџак) од Струга бил игумен на Зограф“, се навраќа во историјата архимандритот Партениј.
Архимандритот Зографски бил роден во мијачкото село Могорче, израснал во славното мијачко село Лазарополе. Анатолиј Зографски со своето смирение и светост станал духовник на рускиот цар Николај Први Романов и успеал во секоја смисла да го воскресне тогаш замрениот Зографски манастир. Инаку, Зографскиот манастир „Св. Георгиј“ бил основан во 10 век, од тројцата охридски браќа, светите Арон, Мојсеј и Давид. Со векови бил граден и помаган од нашиот христоверен народ, кој таму дал недобројни монаси-подвижници.
Инаку, на крајот на ноември 2011 година, игуменот на Зограф, архимандритот Амвросиј, го посети Бигорскиот манастир и ценејќи ја заложба на монашкото братство за обнова на книжниот фонд на изгорената библиотека во пожарот од 2009 година им подари над 200 книги и тоа комплетен творечки опус на големите учители и светители на нашата православна црква, светите Јован Златоуст, Василиј Велики, Ефрем Сирин, Симеон Нов Богослов и други. (К.К.)
Извор: “Утрински Весник“
|