ТАЛЕ ОГНЕНОВСКИ МЕЃУ 100-ТЕ НАЈДОБРИ КЛАРИНЕТИСТИ НА СИТЕ ВРЕМИЊА
Марина Лазаревска
Македонскиот музичар и композитор Тале Огненовски (1922-2012) е вклучен во книгата „Најдобрите кларинетисти на сите времиња: Топ 100“ на авторите Алекс Трост и Вадим Kравецки, а во издание на „Kриејт спејс“, компанија на светски познатата „Амазон“. Во делот под број 32 пишува дека „Тале Огненовски е најголемиот кларинетист на сите времиња и еден од најиновативните композитори на инструментална музика, а неговата легенда ќе живее засекогаш.“
Титан на кларинет
- Тале Огненовски е музички гениј и титан на кларинет, чија извонредна личност и вештина отворија нови можности за кларинетот како инструмент кои никој не можеше да ги предвиди – пренесува дел од книгата мрежата за вести од музичката индустрија (mi2n.com).
На 27 јануари 1956 година настапи во „Kарнеги хол“ во Њујорк на кларинет и на кавал како прв Македонец кој настапил на таа сцена. „Њујорк тајмс“ за неговиот настап во 1956 г. напиша: „огромна вештина ... радост и задоволство ... народна уметност со потекло од Македонија ... брилијантно спектакуларни и прекрасни непознати ора ... одлично ... голема индивидуалност... неверојатни фрази ... ората се крајно привлечни, и нивниот број е навистина неверојатен ... извонредна музика на вообичаени и необични инструменти ... незаборавен кавал ... прекрасна уметност, но, исто така, врвно шоу ... Една изведба во Њујорк не е доволна“. Тоа се најдобрите критики напишани за настап на солист (со оркестар) во оваа њујоршка сала во „Њујорк тајмс“ од 1891 година до денес.
Тој е еден од најзначајните ликови во македонската народна музика. Македонските ора на Огненовски се изведувани во Швајцарија, Франција, Шведска, Финска, Велика Британија, Данска, Австрија. Има компонирано и аранжирано 150 македонски ора, џез-композиции, а неговиот класичен Kонцерт за кларинет бр.1 се смета за најубавиот и најтешкиот концерт за кларинет воопшто. Неговите композиции од македонски народни ора се приказ на имагинативна моќ, шарени, речиси романтични чувства и сензитивност.
Неговите дела се издадени на 12 носачи на звук (цеде, плочи, касети).
Моцарт на македонската музика
Во 2000 година Тале Огненовски формира квартет заедно со својот син Стеван Огненовски и внуците Никола Огненовски и Kлимент Огненовски. Со нив сними три албуми. За своите дела, Огненовски добивал блескави оцени од повеќе страни. Така, познатата интернет-страница „Ол абаут џез“ оценила дека „Тале Огненовски е еден од најголемите композитори во светот на музиката“.
Познатиот македонски музичар Драган Даутовски вели дека Огненовски „е еден од последните Мохиканци, чувари на нашиот звук. Неговото значење е особено изразено во однос на чалгијата“. По повод смртта на Огненовски во 2012 година, пејачката на групата „Љубојна“ Вера Милошевска истакна дека со пребогатиот опус што го остави зад себе, тој може да се смета за Моцарт на македонската музика.
- Донесе едно сосема поинакво видување кон чалгијата и кон народната музика, еден вистински пресврт. Тој сам по себе е национална школа, стандард. Таков човек се раѓа еднаш во векови – истакна Милошевска.
Извор: “Дневник“
|