Main » 2014 » November » 27 » Лидерството не е најважно, битно е учеството на секој поединец
4:22 AM Лидерството не е најважно, битно е учеството на секој поединец |
Лидерството не е најважно, битно е учеството на секој поединец
Иако помина повеќе од една година од објавувањето на албумот, седумте приказни на „Гоце Стевковски септет“ конечно в четврток ќе прозвучат на големата сцена во Македонската опера и балет
Во својата кариера тој свирел во рок, џез, етно, па дури и во рап-состави, а со години
е еден од најактивните музичари на клупските свирки
ГОЦЕ СТЕВКОВСКИ, ТАПАНАР
Гоце Стевковски на домашната публика ѝ е познат како тапанар што соработува со голем број музичари од различна стилска провиниенција. Во својата кариера тој свирел во рок, џез, етно, па дури и во рап-состави, а со години е еден од најактивните музичари на клупските свирки. По долги години работејќи со други уметници, Гоце минатата година го објави својот прв авторски материјал, насловен „7 stories“. Покрај Гоце, тука се трубачот Трајче Велков, саксофонистите Кире Кузманов и Иван Иванов, контрабасистот Александар Икономов, клавијатуристот Дамир Имери и тромбонистот Сашко Николовски. Иако помина повеќе од една година од објавувањето на албумот, седумте приказни на „Гоце Стевковски септет“ конечно в четврток ќе прозвучат на големата сцена во Македонската опера и балет.
Зошто одлучи концертот да биде токму во МОБ, а не во некој помал клуб, што можеби е поприфатливо за една џез-свирка?
- Многу беше поедноставно да го отсвириме концертот во некој мал клуб, но големата сцена е сосема друга работа и ние како искусни музичари на ова гледаме како на дел од нашето достигнување. Точно е дека таквата опција беше во план, но по разговорите со другите членови заеднички решивме дека ова треба да биде во некоја поголема сцена, односно МОБ. Оваа сала на сите од екипата најмногу ни се допаѓа, затоа што има и добра акустика и одличен амбиент, а мислам и дека најмногу одговара за нашиот музички концепт. Всушност, сакаме да направиме добар концерт на голема сцена, како што личи, и каде што ние како музичари ќе се почувствуваме одлично.
Ќе звучат ли поразлично песните во однос на тоа што е забележано на цедето?
- Секако дека ќе звучат поинаку, затоа што концертната изведба секогаш е поразлична од онаа снимената. Исто така, во изминатиов период, од издавањето на албумот па сѐ до денес, ни дојде добро за да можат некои работи да созреат. Темите ќе претрпат мали корекции, кои ги нема на албумот, затоа што снимањето се одвиваше многу брзо. Подоцна сфативме дека тука може да влезат и некои други работи, кои сега концертно ќе ѝ ги претставиме на публиката.
Дали концертот ќе биде само промоција на „7 Stories“ или ќе има и некои изненадувања?
- На бината ќе бидеме сите седум луѓе што го снимивме „7 Stories“, а тоа се Трајче Велков, Кире Кузманов, Иван Иванов, Александар Икономов, Дамир Имери, Сашко Николовски и, секако, јас. Но во план е да имаме и еден гостин, кој ќе биде изненадување. Ќе ги свириме композициите од албумот, но репертоарот ќе биде проширен со нови песни, кои се подготвуваа за вториот албум на „Гоце Стевковски септет“. Се надевам дека ова ќе биде добар џез-концерт, каде што логистиката е поразлична, тргнувајќи од сцената, инструментите, озвучување, светлото...
Ретки се примерите кога тапанарот е водач на бендот. Како се справуваш со тежината на тоа лидерство?
- Освен тоа што моето име и презиме стојат зад целиот проект и зад композициите, сѐ друго се работи бендовски, односно заедно. Лидерството не е најважната работа во овој проект, битно е дека учеството на секој поединец во овој проект е многу сериозно. Тие имаат слобода да го дадат својот придонес, односно својот максимум како музичари, како композитори, како аранжери... Инаку, на почетокот овој проект не требаше да се вика „Гоце Стевковски септет“, меѓутоа дел од екипата инсистираше тоа да биде така. Што се однесува до албумот „7 Stories“, тој во суштина е концепт во кој сите седум музичари си ја раскажуваат својата приказна. Сите ние се држиме до тој концепт, кој засега се покажува многу успешен. Најбитно е дека имаме голема желба и затоа тоа звучи така.
Зад себе имаш долгогодишно искуство со разни рок и џез-формации. Мислиш ли дека веќе си го достигнал зенитот?
- За да се постигне некоја цел во музиката и во животот, треба работите да одат постепено. Затоа ние мораме постојано да правиме пат за новите генерации, исто како што постарите го отворале патот за нас. Ова го правиме за да може, кога ќе дојдат некои нови „клинци“, да имаат нешто што ќе им претставува пример за тоа дека може да се истрае во намерата. Во моментов има добри поп-пејачи, добри рокенрол, метал и џез-бендови, кои сериозно се занимаваат со тоа, но сѐ додека не се завртиме самите кон себе, нема да можеме да ја истераме работата докрај.
Во која насока ќе се развива музиката на „Гоце Стевковски септет“? Дали можеби ќе одите на некое наредно нивно, на пример, со симфониска оркестрација?
- Новиот албум, кој е веќе во подготовка и кој според планот би требало да излезе наредната година, ќе биде во ист фазон, затоа што мислам дека сега-засега тоа добро се покажува. Што се однесува за оркестрација на моите композиции, имам одлична идеја. Познавам луѓе, кои би направиле сериозна оркестрација и на новите и на старите композиции, но мислам дека за тоа сѐ уште е рано. Иако сите ние сме веќе познати и искусни музичари, мислам дека „Гоце Стевковски септет“ сѐ уште е мал за таква работа. |
|
|
|
Автор: Михајло Грбевски / mihajlo.g@novamakedonija.com.mk
Извор: “Нова Македонија“
|
|
|
Views: 278 |
Added by: Вељанко
| Rating: 0.0/0 |
|