Зошто Македонија не гласаше „за“ резолуцијата за осуда на неонацизмот?
Десет дена поминаа од срамниот македонски воздржан глас во ОН за Резолуцијата против величењето на нацизмот, неонацизмот и ксенофобијата, а од Министерството за надворешни работи се уште нема никакво објаснување зошто Македонија не гласала „за“. Нема реакции и од партиите од власта, ниту пак од опозицијата.
Предлагач на резолуцијата беше Русија. 115 држави беа за, 55 воздржани, а против беа само САД, Канада и Украина. Сите земји-членки на ЕУ исто така гласаа воздржано. И Македонија гласаше воздржано, заедно со Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Грција, Бугарија, Романија, Британија, Италија, Литванија, Летонија, Естонија, Полска, Шпанија, Финска, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Јапонија... За Резолуцијата гласаа Израел, Србија, Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка, Израел, Сирија, Србија...
Побаравме мислење за ова од неколку домашни експерти кои ја следат оваа проблематика. Дел од нив ни одговорија:
Ристо Никовски
Ристо Никовски
„Сметам дека во неколку прилики, за кои јавноста дозна, Македонија крајно непринципиелно гласаше во Генералното собрание на ООН. Тоа апсолутно важи во однос на руската резолуција за осуда на неофашистичките појави во Европа, што се случи пред десетина дена. Очигледно, застанавме на страната на ЕУ и САД кои ја бојкотираа резолуцијата од единствена причина што нејзин подносител беше Русија. Не е спорно дека сите тие се загрижени од растот на неонацистичките партии, движења, активности... ама, кога е во прашање Русија - сè мора да се бојкотира. Тие, се разбира, имаат свој есап, а ние? Ко слепци зад „водачот“, ние ги игнорираме нашите основни интереси. А „водачот“, нам ни поставува нелегални блокади, уцени и ултиматуми, без да трепне, со што ја доведува во прашање иднината на земјава. Со еден збор, во последниов случај, како да изиграваме - недоветеност.
Слично се однесовме и кога беше Палестина во прашање и кога Србија бараше поддршка во ГС за мислење од Судот во Хаг, околу независноста на Косово. Тоа беше неспорно, принципиелно и само техничко прашање околу кое нема разлики. Србите ги подржаа бројни земји, меѓу кои и Велика Британија. Арно ама ние бевме поголеми католици од папата. Веројатно имало и други сериозни промашувања за кои не сме дознале.
Во секој случај, ваквите чекори зборуваат за нашата дезориентираност во надворешната политика што може да има несогледиви последици по нашите стратегиски интереси. Некој како да заборава дека имаме нерешен тешок дипломатски проблем и дека само врз основа на правда, принципи и легални процедури можеме да успееме. Со ваквото неодговорно однесување само си правиме лоша услуга бидејќи можеби веќе утре ќе ни треба помошта и разбирањето на тие што денес или вчера ги остававме на цедило врз основа на сосема погрешни калкулации“.
Јанко Бачев
Јанко Бачев
„Македонија немаше причина да не го повтори она што го кажа минатата година кога ја поддржа оваа резолуција на ООН со која се осудува нацифашизмот. Дотолку повеќе, кога Израел воден од своите национални интереси ја подржа резолуцијата и на тој начин се спротистави на одлуката на САД како нивен клучен сојузник од кој зависи опстанокот на Израел на меѓународната сцена, тогаш, Македонија мораше со една добро осмислена дипломатска активност да ги убеди САД и ЕУ дека нивното притискање во заднина да не ја подржиме оваа резолуција ја изложува Македонија на голем срам и е нешто што е спротивно на македонските национални интереси. За жал, катастрофалните состојби и хендикепот со незнаењето во македонската дипломатија и кај надворешно-политичките советници во државниот врв си го направија своето, па, оттука, не треба да чуди што Македонија и во овој случај излегува посрамена на меѓународната сцена. Очигледно е дека зборовите го измениле своето значење, па, полтронството и сервилноста спрема странците се смета за квалитет, иако полтроните секој ги посакува но, на крајот никој не ги цени. Односно, ваквиот сервилен, да не речам слугински однос на Македонија е на штета на нејзините национални интереси, бидејќи Македонија имаше силна причина да ја подржи резолуцијата и да ја осуди реинкарнацијата на фашистичките движења, и тоа не само од историските причини на нашата антифашистичка традиција, туку и со оглед на фактот што некои од овие современи фашистички движења најдиректно се насочени кон Македонците во соседните земји со отворениот нацистички повик за „пиење на крвта и дерењето на кожите на скопјаните“. Во контекст на геостратешките игри за превласт на меѓународната сцена помеѓу Русија и САД, можно е во догледно време од страна на САД или нејзините сателити во ЕУ да следи иницијатива преку ООН за осуда и на комунизмот, па, оттука, да се надеваме дека Македонија нема да ја повтори истата грешка“.
Ивица Боцевски
Ивица Боцевски
Мислам дека требаше да има јавна дебата и расправа во Собранието пред да одлучиме како ќе гласаме за оваа резолуција. Сметам дека секое јавно изјаснување, дури и за најочигледни мерки, треба да помине со расправа во јавноста и со парламентарна дебата. За жал, и овој глас, како и гласањето за палестинската државност во ООН помина без никаква јавна дебата. Вчудоневидува и тоа што Македонија лани гласала „за“, а сега гласа воздржано. Иако ништо суштински не се променило. Јас лично сметам дека требаше да гласаме „за“ токму заради тоа што современа Република Македонија е израсната од анти-фашистичката војна. Претпоставувам дека македонскиот глас произлегол, меѓу другото, и од некои меѓународни притисоци, но треба да се каже од каде доаѓаат тие притисоци и што се надеваме да постигнеме со тоа што ќе се придружиме кон туѓи агенди. Во спротивно, може лесно да излеземе повторно со куси ракави како многупати во скорешната македонска историја“.
Извор: “МКД“
|