КРОМИД, ВАШИОТ ДОБАР ПРИЈАТЕЛ
Неговата миризба не е толку интензивна, но ефектот врз здравјето е огромен - го регулира шеќерoт во крвта, добар е за крвните садови, одличен е во превенција на одредени видови канцер, а се препорачува за прочистување на дишните патишта
Кромид е и храна и лек, еден од најупотребуваните зеленчуци на светот, вистинска благодет е што го има преку цела година, а во нашето поднебје најпопуларен е во комбинација со култната десетка. Кој не сака кромид и ќебапи!
Кромидот се јаде во пролет, кога ќе пушти зелени перца ама на актуелноста не губи и откако „ќе созрее“, во лето, есен и зима. Тогаш е уште покорисен за здравјето, а миризбата можете да ја намалите јадејќи магдонос, лимон и се разбира, со мастика за џвакање.
Според гастрономската литература кромидот најмногу го сакаат Французите а „Лупење кромид“ е автобиографијата на Гинтер Грас, кој на свој метафоречен начин означува многубројни делови кои треба да се отстранат за да се дојде до - целта.
Жив кромид може да предизвика иритација на очи, а кај почувствителни и на кожата. Тоа се случува поради ослободувањето на алил сулфид, а кога тој ќе се измеша со вода, се претвара во сулфурна киселина. Алил сулфидот е позастапен во долниот крај, а доколку сакате да одбегнете плачење, потопете го кромидот во водата.
Кромидот е многу здрав зеленчук, и најдобро е да се јаде свеж, бидејќи има многу јаглехидрати и растителни белковини, масти, витамини и минерали. Богат е со калиум, сулфур, но и со витамини и од групата Б-комплек, како што се: пантотенска киселина, пиридоксин, фолати и тиамин. Еве зошто е тоа важно - пиридоксинот или витамин Б6, помага во одржувањето на високото ниво на гама-аминобутричната киселина во мозокот, што го спречува развојот на нервни заболувања.
Кромидот е богат извор на хром, минерал кој им помага на клетките соодветно да реагираат на шеќерот во крвта. На тој начин се олеснува дејството на инсулинот и се контролира нивото на шеќер. Кромидот помага при разни заболувања - од обична настинка, до дијабетес, ревма, срцеви заболувања, остеопороза... Во кромидот се наоѓаат многу состојки кои се борат против бактериите и другите микроорганизми, и се причинители на разни воспаленија и затоа се препорачува при настинки, кашлица, акутен и хроничен бронхитис и други воспалителни заболувања.
Освен тоа, кромидот има и канцерогени ефекти, поради супстанцата – кверцетин, а резултатите од испитувањата за флавоноидите сугерираат дека неговото постојано консумирање може да претставува висок заштитен ефект од рак на бели дробови, на желудник и дебелото црево.
Покрај тоа, кромидот ја прочистува крвта и крвните садови и ја спречува атеросклерозата. Консумирањето на двесте грама свеж кромид дневно ќе го намали ризикот за затнати крвни садови. Не заборавајте на кромид, затоа што е богат извор на селен, во комбинација со витаминот Е, ги чува клетките од штетното дејство на слободните радикали, ги јакне нервите, го потпомага варењето на храната и дејствува против грчевите, го штити организмот од штетните токсини.
Го одложува стареењето на мозокот и е брана против Паркинсовата и Алцхајмеровата болест, а сирупот подготвен од кромид е одличен лек против несоница. Во однос на хранливоста, во него има најмногу јаглехидрати, а занемарливи количества од протеини и масти. Патем, со кромидот никогаш нема да се здебелите - има ниска калорична вредност (само 40 калории на 100 грама)ама затоа е богат извор на растворливи растителни влакна. Кога купувате кромид, барајте свежи главици кои се чисти, имаат убава форма, немаат отвор на вратот, а горните слоеви од лушпите се суви и крцкави.
Кај нас кромидот е речиси задолжителен во секое готвено јадење и како прилог кон месо на скара, состојка во бројни салати - македонската, шопската и компир-салатата не можат да се замислат без кромид.
Французите ја фалат нивната супа од кромид, а овој зеленчук е присутен во многу јадења во турската кујна, најпознато е „соган долма“.
Во Индија и Пакистан кромидот е најбараните состојка за готвење и е една од главните состојки во кинеското јадење - чоумеин (стар и млад кромид, зелка, бабури и доматно пире и чили пиперчиња).
Кромидот се користи во огромен број јадења во медитеранската и континенталната европска кујна, во: салати, пица, хамбургери, супи, ролати, полнети јадења, итн.
Похуван кромид
Потребно е: 2 главици кромид исечен на подебели тркала, брашно, млеко или пиво, 1 јајце, 1 шолја лебни трошки, ким и сусам по желба
Секое тркало од кромид ставете го во брашно, потоа во млеко или пиво, а на крај во лебните трошки. Пржете.
Чорба од кромид и кашкавал
Потребно е: 1 мала лажица црвен пипер, малку сол, 50 грама путер, 3 кромида, 100 грама кашкавал, 50 грама брашно и малку црн пипер.
Кромидот се сече на тенки тркалца и се пропржува на путер, додека да добие златна боја. Потоа се додава брашно, уште малку се пржи, па се додава црвен пипер и се налева со 1,5 литар вода. Се посолува и се вари 10 минути. Во секоја чинија се ставаат коцкички пропржен леб и на коцкички сечканиот кашкавал и се налева со врела супа. Се остава да отстои 5 минути, а потоа се служи.
Полнет кромид
Потребни состојки: 8 големи главици кромид, 300-500 г домашни колбаси, 5 чешниња лук, 1 китка магдонос, 1 филџан за кафе лебни трошки (или сув леб)1 филџан за кафе млеко, 1 филџан за кафе масло ,1 говедска коцка за супа, вода по потреба, сол по вкус.
Кромид се вари 5 минути во солена вода, а потоа со мала лажичка или нож се длаби во средината. Средината се сечка и се пропржува во тава, а потоа се додаваат исечкани домашни колбаси, лук и лебните трошки и исечкан магдонос.
Кромидот се полни, се реди во тава и се налева со супа.Тавата е готова кога кромидот ќе омекне, ќе поцрвене и течноста од тавата ќе испари.
Народна медицина
За потикнување на мокрењето
Се земаат делови на кромид, магдонос и целер и оваа мешавина се вари на тивок оган во 1 литар вода и 8 супени лажици мед. Се пие топло 4 пати дневно по еден филџан.
Сируп
Половина килограм кромид се ренда и се вари со 500 гр шеќер во литар вода, на тивок оган околу три часа. Се става во темни шишиња и како лек се користи по една лажица, неколку пати дневно со млака вода или млеко.Овој лек е добар кај белодробните болести и органите за варење.
Против плускавец
Главица кромид се пресекува на половина и се става во вински или јаболков оцет 3-4 часа. Со ова се превиткува плускавецот неколку дена по ред.
Против за рак на простата
Лабораториски испитувања од Мayo-клиниката покажуваат дека кверцентинот може да помогне во третирањето на рак на простатата, бидејќи ги блокира машките хормони што го стимулираат растот на раковите клетки на простатата. Според други студии, кромидот помага и во лекувањето на воспалението на простатата кај мажите со воспалена простата (простатитис) што земале кверцетин се редуцирале уринарните симптоми.
Извор: “Утрински Весник“
|