МАКЕДОНИЈА ПАК ЌЕ ПРАВИ ШЕЌЕР ОД ШЕЌЕРНА РЕПКА
Земјоделците и фабриката за шеќер „4 Ноември“ се договорија напролет да бидат резервирани површините за шеќерна репка и фабриката пак да почне со производство, а Владата да го заштити од увоз на шеќер
Гоце Каревски
Битола - По пауза од седум години, од идната пролет повторно ќе се одгледува шеќерна репка на нивите на Македонија. Оваа култура која носеше многукратен бенефит, беше неправедно прогонета, најмногу поради математиката според која многу побрз е обртот на вложувањата кој со себе го носи производството на шеќер од шеќерна трска. Фактот дека квалитетот на шеќерот добиен од шеќерна трска, од кој било аспект, не може никако да се споредува со тој на шеќерот од шеќерна репка, сиве овие години наназад беше апсолутно игнориран. Но, земјоделците и фабриката за шеќер „4 Ноември“ деновиве, имајќи го како медијатор заменикот-министер за земјоделство, Ванчо Костадиновски, не само што го обновија одамна прекинатиот дијалог, туку практично и се договорија напролет да бидат резервирани површини на кои ќе се сее шеќерна репка.
Цветан Панделевски, еден од директорите на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, рече дека Комбинатот сам ќе засее шеќерна репка на најмалку 2.500 хектари, како што тоа го правел и во „златната ера“ на фабриката за шеќер, а сопствениците на поситни земјоделски стопанства веќе се сигурни дека шеќерната репка ќе можат да ја одгледуваат на барем околу 700 хектари. Така, повторно би се обезбедувала суровина за оптимално ангажирање на фабричките капацитети, во кои, пак, може да се преработуваат и по 150.000 тони шеќерна репка и да се произведуваат по над 40.000 тони бел шеќер.
„Прв пат на средба со земјоделците дојде генералниот директор на фабриката за шеќер, а до сега на сите наши иницијативи испраќаше само свои претставници, кои, пак, ниту имаа овластувања, ниту беа доволно компетентни ’да пресечат‘ во врска со кое било прашање. Тој, по разговорите што траеја цели три часа, вети дека од наредната година фабриката ќе откупува шеќерна репка и ќе го обнови производството на шеќер од шеќерна репка. Но, пред заменикот-министерот за земјоделство побара Владата соодветно и строго да го заштити домашното производство, бидејќи, веќе со години големи количини шеќер во земјава доаѓаат од увоз, и тоа се увезува шеќер добиен од шеќерна трска. Овие денови битолската шеќерана тоа свое барање и официјално ќе и' го достави на Владата. Директорот на Фабриката за шеќер ги демантираше шпекулациите што се ширеа овие години, дека од фабричките погони е демонтирана машинската опрема за преработка на шеќерна репка и продадена како старо железо. Тој тврди дека инсталациите се на своето место и дека на ниту една машина не и' недостига ни еден шраф“, вели претседателот на Сојузот на земјоделците во Македонија, Велјо Тантаров.
Тој потсетува дека до пред седум години само во битолскиот дел на Пелагонија од производство на шеќерна репка егзистирале неколку стотини селски семејства, а многу семејства и од Прилепско, Скопско, Кумановско, Полог и Кочанско, исто така живееле сосема пристојно од производство на шеќерна репка, дека за секоја преработувачка кампања во фабриката биле ангажирани по 300-400 сезонски работници од списокот на невработените, како и дека работењето на шеќераната било одлична поддршка на овдешното сточарство, со суров и сув резанец, што е фактички, отпадот во нејзиниот процес, а висококвалитетна добиточна храна која сега се обезбедува исклучиво од увоз. Дури и овдешнава фабрика за квасец и алкохол сите свои потреби од меласа, како суровина, ги обезбедуваше од шеќераната и повторно би ги обезбедувала тука, ако навистина се врати преработката на шеќерна репка. И, на крајот, како што вели Тантаров, одгледувањето шеќерна репка е важна работа и во самото земјоделско производство, бидејќи станува збор за култура што обезбедува особено квалитетен плодоред.
Извор: “Утрински Весник“
|