ФМУ со целовечерен концерт ќе одбележи 48 години постоење
Со целовечерен концерт во Македонската опера и балет, Факултетот за музичка уметност-Скопје вечер ќе одбележи 48 години од основањето
На концертот ќе настапат студентите од првата генерација по балетска педагогија, заедно со Студентскиот симфониски оркестар предводен од Саша Николовски-Ѓумар. На програмата се делови од балетите на Александар Глазунов, Петар Илич Чајковски, Лудвиг Минкус, како и дела од Астор Пјацола и од македонските композитори Драган Даутовски и Кирил Џајковски.
- Овој концерт е особено значаен бидејќи со него ја промовираме првата генерација студенти од катедрата за балетска педагогија, меѓу кои се веќе познати имиња на денешниот македонски балет. Нивните настапи, заедно со изведбата на Симфонискиот оркестар составен од студентите на инструменталниот оддел, без сомнение ќе бидат запаметени, истакнува Гордана Јосифова-Неделковска, декан на ФМУ.
На одбележувањето на годишнината ќе бидат доделени дипломи на завршените студенти на додипломските и последипломските студии на ФМУ и ќе биде промовиран првиот број на меѓународното научно списание Арс Ацадемица, заедничко издание на ФМУ со Факултетот за драмски уметности.
Факултетот за музичка уметност во Скопје е формиран во 1966 година како Висока музичка школа. Генерациите завршени студенти на ФМУ имаат значајно место во музичкиот живот на Македонија и надвор од неа.
Извор: “Нова Македонија“
|