Родното Драгоево е поубаво од Швајцарија
Многу пријатели и роднини на враќањето на Марина во Драгоево гледале како на одмор од долгогодишното напорно секојдневие. Но таа решила родното село да биде нејзин дом до крајот на животот
МАРИНА СТОЈАНОВА ПО ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ СЕ ВРАТИ ВО ЗЕМЈАВА
По четири децении живот до Циришко Езеро во Швајцарија, 46-годишната Марина Стојанова се врати во родното место, штипското село Драгоево. На имотот наследен од родителите таа си изградила нова куќа. Пред неа има мала бавча и многу цвеќиња, а на еден дел од дворот куќарка за нејзиното деветмесечно куче Рекс. Марина во Швајцарија заминала на шест години, завршила основно и средно образование и потоа работела на различни места. Последните неколку години ги поминала на работа во угостителски објект. Но динамичниот живот во европската земја решила да го замени со живот на село, каде што кончено го пронашла својот мир.
- Таму цело време си под стрес. Сѐ е на брзање, немаш време да се запознаеш самиот себе. Немаш време да го живееш животот. Сега сум во Македонија, во моето родно Драгоево - вели Марина.
Во родното Драгоево таа живее веќе една година. Животот овде ѝ е поопуштен, а среќата и спокојот ги нашла во малите нешта.
- Имам преубаво куче, имам мачиња што ги донесов од Швајцарија, имам кокошки. Во бавчичката имам лубеници, тикви, пиперки... милина. Се чувствувам слободно. Овде е прекрасно - цвеќињата мирисаат, доматите мирисаат, лубеницата мириса. Луѓето се мили и подруштвени, знаеш кој ти е сосед, за разлика од Швајцарија - вели Марина.
Многу пријатели и роднини на враќањето на Марина во Драгоево гледале како на одмор од долгогодишното напорно секојдневие. Но таа решила родното село да биде нејзин дом до крајот на животот.
- Сите ме молат да се вратам. И децата и пријателите, но јас не сакам. Тука ќе умрам, но не се враќам. Ова е мојот дом. Овде сум среќна и опуштена. Месечно земам пари од Швајцарија, кои ми следуваат како дел од приватниот пензиски фонд и уживам во мирот овде - вели Марина.
Драгоево се наоѓа на десетина километри од Штип и е сместено во живописниот лакавички предел. Некогаш овде имало над 100 куќи и околу 600 жители, главно турско и македонско население. Денес Драгоево го чуваат околу 40 негови жители, кои живеат од сточарство и од земјоделство. Пред неколку месеци штипската локална самоуправа овде инвестираше во разубавување на центарот на селото и најави дека тоа е само почеток од низата инвестиции во руралните средини, чија крајна цел е задржување на младите во родните огништа и враќање на оние што се иселиле по подобар живот.
Примерот на Марина е еден од ретките случаи во државата кога иселеници се враќаат во родните краеви, а најчесто враќањето во родното место го прават по пензионирањето. |
|
|
|
Автор: Д.Ф.
Извор: “Нова Македонија“
|
|
|