БОГАТСТВОТО НА БРЕГАЛНИЧКИОТ СЛИВ. ВОДАТА НАША НАСУШНА
„Големи загуби на водите се јавуваат поради дотраените системи за водоснабдување, а најголем потрошувач (истовремено и загубар) на водите се системите за наводнување, на кои им е неопходна реконструкција“ - вели Станислава Додева, национален програмски советник - одговорна за секторот води при Амбасадата на Швајцарија во Македонија
Јасминка Павловска
„Македонија е богата со вода. Тоа е несомнено. И чиста е! Штом може водата да се пие од чешма, значи чистотата на водата е сосема задоволителна. Но штета е што многу од тоа богатство се губи залудно. Најголемиот проблем со водите во Македонија се токму загубите што настануваат при користењето на водата“, вели Франк Видеркер, регионален советник за води и животна средина при швајцарската Агенција за развој и соработка, која подолго време спроведува програми во Македонија, токму во регулирање и подобро управување со искористеноста на водите во Македонија.
Светската загриженост за резервите на вода им ја враќа актуелноста на првите училишни лекции од природа и биологија, и на насловите од типот „водата е изворот на животот“ им дава многу повеќе значење од стара и истрошена поетска фраза. Во тој контекст, залудното трошење на водите, најблаго кажано е неодговорно, но тоа може подрастично да се одрази во иднината.
„Во Македонија постојат три главни проблеми во управувањето со водите“, нагласува Станислава Додева, национален програмски советник, одговорна за секторот води при Амбасадата на Швајцарија во Македонија. „Првиот проблем е недостатокот на инфраструктура во третманот на отпадните води. Потоа, големи загуби на водите се јавуваат поради дотраените системи за водоснабдување, а најголем потрошувач (истовремено и загубар) на водите се системите за наводнување на кои им е неопходна реконструкција. Исто така проблемите се јавуваат и поради недостаток на капацитети: како човечки, така и финансиски и технички. Помошта на Швајцарската програма за соработка со Македонија е насочена најмногу кон подобрување на инфраструктурата и поставување на прочистителни станици. Веќе имаме и планови за управување со сливовите на Преспанското Езеро, како и за Брегалничкиот и Струмичкиот слив. Освен тоа, помошта од нашата програма е насочена и кон зголемување на капацитетите на домашните експерти“, го објаснува Додева фокусот на програмата на Владата на Швајцарија за помош во Македонија, во смисла на управување со водите.
Партнер во спроведувањето на оваа програма на Амбасадата на Швајцарија во Македонија е „Фармахем“, каде што програмски координатор е Марјана Шушлевска.
„Во спроведувањето на оваа програма за Брегалничкиот слив работиме со еден сеопфатен пристап, односно земајќи ги предвид сите аспекти на заштитата на животната средина“ - вели Марјана Шушлевска. Во таа смисла имаме поставено три комплементарни цели: подобрување на управување со водите, преку изработка на план на сливот и мали инфраструктурни проекти. На тоа секако се надоврзува зачувување на природата и особено внимание му посветуваме на образованието на најмладите од областа на заштитата на животната средина, во соработка со Министерството за образование и невладината организација ОХО. Образовната програма се спроведува во градинки, основни и средни училишта. Оваа програма започна во 2012 година, а првата фаза на имплементација е зацртана до 2016 година. Оваа програма се одвива на три нивоа: национален, регионален и локален, а главната цел ни е одржливо користење на природните ресурси. Партнери ни се Шумарскиот факултет во Скопје и Агенцијата за просторно планирање“, објаснува дел од програмите, целите и стратегиите за севкупна заштитата на целиот екосистем на Брегалничкиот слив.
Во рамките на партнерството со Шумарскиот факултет во Скопје, веќе е воспоставена соработка со Универзитетот за применети науки, во Берн, па до сега професори од Швајцарија на два пати држеле предавања на актуелни теми на Шумарскиот факултет во Скопје. Покрај теоретски предавања, организирани се и теренски вежби за студентите во Брегалничкиот слив. Во текот на летото било организирана и теренско истражување на студентите по биологија на планината Плачковица.
Сите партнери во оваа програма инсистираат и ангажирано работат на развивање на поголема јавна свест во користењето на водите, како и во заштитата на животната средина, воопшто.
Извор: “Утрински Весник“
|