Далеку - Јовица Тасевски - Етернијан
Ме прашавте: Каде е?
Не го барајте него
среде врева, турканици, метеж;
не ќе го сретнете веќе
кај вирее троскот, бурјаниште, плевел
Тој отиде во неговиот бесконечен дом,
каде конечно може да се одмори,
каде не мора за ништо да се грижи,
каде ни мори, ни мории, ни морници има
Туку само јадри плодови,
созреани од неговите доблести,
што му ги принесуваат светлозрачни придружници,
испратени од Оној Кој надгледува сè
Кој некогаш и нас ќе нè повика да пристапиме,
та донесеме ли нераспадливи скапоцености
на терезијата на Благовесникот –
ќе го пречекориме прагот.
(Од поетската книга „Исход“)
Извор: “МКД“
|