Московската православна духовна академија му донираше книги на УКИМ
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска доби донација книги од Московската православна духовна академија кои ќе му бидат предадени на Православниот богословски факултет во Скопје
Во донираните 85 тома литература, е и комплет на Православна енцикопедија, како и Историја на руската црква. Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски истакна дека дарот од Московската академија е импозантно дело кое, како што рече, нема други рамни на себе книжевни дела во светот.
Во аулата на Ректоратот, пак, на таблата на партнери и пријатели на УКИМ во изминатите 66 години, денеска беше откриена и спомен-табличка на благодарност до Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, за нејзиниот придонес во развојот на образованието и науката.
- УКИМ има потпишано повеќе од 120 договори за меѓународна соработка со врвни универзитети од Европа и од светот. Со некои соработуваме повеќе, со некои помалку, а со некои нашата соработка е повеќе од протоколарна. Таа е пријателство, почитување, дружење и уважување. Такви се универзитетите од Руската Федерација, почнувајќи од најголемиот, универзитетот „Ломоносов“ и Московската православна духовна академија, со која во последните години остваруваме интензивна соработка. Ваквата соработка не би била возможна без сесрдното залагање и искрена помош од амбасадорот на Руската Федерација Шчербак, неговите соработници и од целата Амбасада - истакна Стојковски.
За добрата соработка зборуваа проф. д-р Алексеј Пентковски од Московската православна духовна академија и рускиот амбасадор Олег Николаевич Шчербак, кој му се заблагодари на УКИМ за соработката со руските образовни институции.
- Најважната соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација е на полето на културата и образованието, каде што се гледа вистинската блискост меѓу македонскиот и рускиот народ. Имаме многу заеднички проекти, а денешната донација на книги е пример за одлична соработка меѓу двете институции, истакна амбасадорот Шчербак.
Извор: “Нова Македонија“
|