Путин се сретна со Меркел и Оланд зад затворени врати во Москва (ВИДЕО)
Францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел вечерва пристигнале во Москва и се упатиле директно во Кремљ, на разговори зад затворени врати со претседателот Владимир Путин за украинската криза.
По повеќе од еден час разговори, тројцата лидери според протоколот излегле пред новинарите за да се фотографираат, па продолжиле со разговорот. Според портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, разговорите се одржуваат без членовите на делегациите.
Вчера Оланд и Меркел се сретнаа со претседателот Петро Порошенко во Киев, а претходно украинскиот лидер имаше средба со американскиот државен секретар Џон Кери, кој пристигна во Киев за да разговара за можноста за обезбедување оружена помош за Украина. Тој рече дека американскиот претседател Обама следната недела ќе донесе одлука за тоа. В сабота американскиот потпретседател Џо Бајден треба да присуствува на конференцијата за безбедност во Минхен, каде што ќе го претстави планот за воена помош.
http://youtu.be/GyciT4ISK7A
Претходните информации во медиумите сугерираа дека одлуката на Оланд и Меркел за посета на Москва била донесена брзо и без да се консултира Вашингтон. Откако Оланд во четвртокот рече дека „заедно со Ангела Меркел, решивме да преземеме нова иницијатива“, француските медиуми навестија дека одлуката да се посети Москва е обид да се прикаже аспект на решавањето на украинската криза што се разликува од американскиот.
Ле Нувел опсерватер објави дека на оваа „историска иницијатива“ на Оланд и Меркел ѝ претходеле „тајни“ преговори меѓу Париз, Берлин и Москва. Францускиот неделник, исто така, сугерираше дека лидерите на ЕУ се состануваат со Путин „за да ги претекнат Американците, кои се обидуваат да го наметнат своето решение за проблемот на Западњаците: доставување оружје во Украина.“
Извор: “МКД“
|