Украина: Запрена евакуацијата на цивилите од Дебалцево
Евакуацијата на цивилното население од источниот украински град Дебалцево, којашто претходно во петокот беше договорена меѓу силите лојални на празопадните власти во Киев и проруските бунтовници од источна Украина, е прекината поради вина на украинската страна, обвини во петокот попладне Едуард Басурин, заменик командантот на бунтовничките сили чие седиште е во самопрогласената Донецка народна република.
Претходно во понеделникот локалниот командант на проруските милиции, Вјачеслав Аброскин за AFP потврди дека „Се согласивме со примирјето во петок близу Дебалцево поради евакуацијата на цивилите“. Едуард Басурин за агенцијата потврди дека евакуацијата на цивилите започнала во 8 часот наутро по локално време и дека треба да трае до 18 часот. Многумина користејќи го прекинот на огнот со сопствено превоз го напуштиле градот кој последните денови е сцена на жестоки борби.
Населението требаше да биде евакуирано со автобуси во придружба на претставници на ОБСЕ кон Горловка, друго упориште на рускојзаичните бунтовници северно од главниот град Донецк, и кон Артемивск, кој, пак, контрола на украинските безбедносни сили, додаде Басурин.
За агенцијата РИА Новости извори од бунтовничките сили рекле дека претпладнето колона од 40 бегалци од Дебалцево успеала да излезе преку формираниот хуманитарен коридор.
„До местото за евакуација пристигнаа 40 луѓе. Луѓето не дојдоа, бидејќи украинската страна не ги известила дека е можна евакуацијата и на територијата на ДНР (Донецка народна република – з.р.), луѓето ништо не знаат. Кога нашите луѓе влегоа во Дебалцево, имаше провокација, беше отворен оган од центарот на градот“, изјавил Басурин за Донецката новинска агенција.
Во извештајот што попладнето го објави оваа агенција се истакнува дека во моментот колона од 20 празни автобуси се враќаат во насока на Донецк.
Дебалцево е стратешки железнички јазол, еден од најголемите во Украина, и е од регионално значење зашто ги поврзува двата бунтовнички центра Донецк и Луганск. Бунтовничките сили оставија коридор за повлекување на украинските војски кои го контролираат градот од почетокот на нивната офанзива во април 2014 година чија цел беше да ја повратат контролата на Киев на источните региони. Меѓутоа, обвинија дека украинската армија преку тој коридор донела засилување во војници и во техника.
Организацијата Amnesty International претходно седмицава објави дека градот и околината го напуштиле повеќе од 25-те илјади жители на Дебалцево во кој во моментов се проценува дека има меѓу 7 и 10 илјади украински војници.
http://makfax.com.mk/svet/evropa/ukraina-zaprena-evakuacijata-na-civilite-od-debalcevo
Извор: “Макфакс“
|