Празнина КОЈА сјае: Македонија Sunday, 2024-11-24, 3:09 AM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2015 » February » 11 » Сме имале богат киноживот уште во 19 век
    4:08 AM
    Сме имале богат киноживот уште во 19 век

    Сме имале богат киноживот уште во 19 век

    До пред четириесетина години приказната беше: браќа Манаки, па црна дупка, та дури во 1947-та работите во кинематографијата се придвижуваат. Но, со формирањето на Кинотеката на Македонија и интензивните истражувања, доаѓаме до фактот дека првите филмски проекции во Скопје и во Битола се одржале во 1897 г., или две години по првата проекција на браќата Лимиер во Париз, вели Петрушева

    Илинденка Петрушева, филмолог

    За својата нова книга „Само сонот е стварност“, што излезе деновиве во издание на „Македоника литера“, авторката Илинденка Петрушева вели дека е „замислена како сендвич“. Прологот е посветен на сонот и стварноста, а епилогот говори за филмското време и филмскиот простор. Една третина од книгата е историографскиот дел, за конечно како последен есеј да биде понудена разработката за односот помеѓу филмот и музиката.
    Во книгата се поместени и филмолошки студии, есеи и филмски рецензии. Во неа читателите можат да дознаат нешто повеќе за јапонскиот, рускиот, чешкиот, шпанскиот филм... за авторите Фасбиндер, Саура, Тарковски, Сабо, за филмовите што кај нас во одреден период биле на кинорепертоарот и го привлекувале вниманието на љубителите на филмот. 
    Петрушева е филмски критичар, филмолог и истражувач на филмската историја. Се школувала во Скопје и во Загреб, а во почетокот на 1970-тите почнала да се занимава со филмска критика, објавувајќи филмски рецензии, осврти, коментари и есеи во „Филм-фокус“, „Вечер“, „Културен живот“, „Денес“, „Македонија денес“, „Премин“. Таа е еден од основачите на Кинотеката на Македонија, а во 1979 година е и еден од иницијаторите за формирање на Кинотеката на Хрватска. Учесник е во востановувањето на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола и долгогодишен главен и одговорен уредник на списанието „Кинопис“. Авторка е на книгите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (2005) и „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (2011).

    Насловот на книгата е преземен од стих на хрватскиот поет Тин Ујевиќ, „Само сонот е стварност“. Зошто?
    - Од едноставна причина – оти тој најмногу ѝ одговара на природата на филмот. Филмот или сонот се илузија на стварноста. Во текот на историјата на филмот, особено денес во раскошноста или во гламурот на филмските ѕвезди, стварноста станува илузија. Сѐ се движи, сѐ се проткајува едно со друго. Во прологот на книгава ги објаснувам овие нешта, каде што практично ја приложувам и тезата дека филмот со своите изразни средства врши извесна манипулација врз гледачот. 

    Како ги собиравте и одбиравте материјалите (филмските рецензии и публицистичкиот материјал) приложени во книгата?
    - Уште од почетоците на мојот професионален ангажман како филмски критичар, некаде од втората половина на 1960-тите години, создавав сопствена архива, прес-клипинг. Се обидував да зачувам сѐ што сум пишувала. Од радиоемисиите посветени на филмската едукација ги зачував текстовите, пишувани на машина за пишување, се разбира, а од печатените медиуми – исечоците. При одбирањето на материјалот се раководев од методологијата што ја одбрав кога почнав да го реализирам овој проект – фокус на значајните моменти од историскиот развој на македонската кинематографија. Преку рецензиите и есеите за странски филмови, автори и национални кинематографии сакам да укажам на развојот на филмската култура кај нас. За сѐ она за што сум пишувала – се случувало тука, кај нас. Затоа во книгава ги нема освртите за значајни филмски фестивали кај нас и во светот. 

    За македонската кинематографија во периодот меѓу времето на браќата Манаки и современоста се знае малку. Овој публицистички труд е дотолку позначаен што фрла светлина на развојот на филмската култура во тој период на овие простори...
    - До пред четириесетина години приказната беше: браќа Манаки, па црна дупка, та дури во 1947-та работите во кинематографијата се придвижуваат. Но, со формирањето на Кинотеката на Македонија, меѓу другото, започнуваат и интензивни истражувања – собирање артефакти и мемоарска граѓа, истражувања во архивите и во периодиката од тоа време. Така доаѓаме до фактот дека првите филмски проекции во Македонија во Скопје и во Битола се одржале во 1897 година, или две години по првата проекција на браќата Лимиер во Париз. Значи, граничниците се повлекуваат наназад за цели осум години, оти браќата Манаки рачката на својата камера ја завртеле во 1905 година. Во оваа историографска студија се третираат сите составни делови на кинематографијата – производството, киноприкажувањето, дистрибуцијата, филмската култура со своите сегменти филмска критика, аматерски филм, манифестации, едукација... Во периодот од 1897 година до крајот на Втората светска војна во овој дел од Македонија киноприкажувањето доживува експанзија преку патувачки, наменски, маалски и постојани кина. Производството се движи меѓу опусот на браќата Манаки, па филмот за Македонија на Арсениј Јовков, па филмовите на плејада филмски аматери и едукативните филмови на Хигиенскиот завод во Скопје до многубројните странски филмски снимања во Македонија. Во овој период во повеќе регионални весници се отвораат рубрики за филм и еве го зародишот на филмската критика кај нас. Меѓу жителите се зацврстува култот на филмските ѕвезди, па новинарите ќе забележат дека младите девојки во фризурите ги имитираат своите идоли, на пример Лија де Пути... Со еден збор – во тој период имало жив кинематографски живот. Патувачките кина во тоа време се обележје на развојот на светската кинематографија, па така и кај нас. Тие отсекогаш биле, се и ќе бидат, значајни оти допираат до најнепристапните населени места. Особено во пионерскиот период на кинематографијата биле голема атракција со живите слики што ги покажувале. 

    За еден од најстарите филмски записи за Македонија се смета „Колежите во Македонија“ од 1903 година, инспириран од Илинденското востание. Како илинденскиот период е третиран и документиран во тогашните филмски записи?
    - Овие филмски записи се доказ дека со појавата на филмот се родил нов историски извор. Овој филм е инсценација, режирана од Лисиен Нонгие од компанијата „Браќа Пате“, и снимена во студиото на оваа компанија во Париз. Филмот траел околу две минути и го привлекол вниманието на светската јавност. Сепак, првите автентични документарни филмови ги снимил Чарлс Рајдер Нобл за лондонскиот продуцент Чарлс Урбан од кого, нешто подоцна, браќата Манаки ќе ја купат својата филмска камера. Нобл своите исклучителни документарци ги снимил од есента 1903 до зимата 1904 година. Во неговите филмови има востанички чети, автентични битки, бегалци и сето ова, нормално, предизвикало голем интерес и публицитет. И во опусот на браќата Манаки има филмски записи од тој период. Секако дека неодминливо дело за тој период е документарниот филм на Арсениј Јовков „Македонија во слики“. Исклучително е важна автентичноста на овие филмски документи како неодминлив историски извор. А во филмовите на браќата Манаки и во филмот на Јовков и значајно е и умеењето да се „пишува“ со филмски јазик.

    Особено внимание посветувате и на периодот на првата декада по Втората светска војна...
    - Овој период е интересен, неодминлив, со многу значења. Тогашниот нов општествен поредок се раководи од постулатот дека филмот е највлијателен од сите уметности. Затоа во сите новоизградени културни домови во Македонија се инсталира кинотехника, се организирале многубројни патувачки кина (на Министерството за просвета, на Железниците, на Црвениот крст, на младинската организација...). Тогаш се формираат првите кинематографски институции за да се заокружи кинематографскиот процес. Тогаш почнува и организираното филмско производство. Мене ми е особено интересен кинорепертоарот, кој е преплавен од советски филмови, најчесто со пропаганден карактер. Сепак, тука се и антологиските советски филмови. Во 1947 година на репертоарот доаѓа прославениот филм на Григориј Александров „Циркус“ со македонски титли. Тоа е прв филм преведен на македонски јазик. Но во 1948 година запира увозот од СССР. Наредната 1949 година е најкритична – кината го прикажуваат она што останало, а репертоарот е осакатен. Набргу се воспоставуваат односи со светските дистрибутери, нашиот филмски пазар се отвора и во кината, пристигнуваат врвни дела, разновидни по жанр, по третман, по потекло. Тогаш се отвора прозорецот кон светот!

    На еден мошне свеж и сликовит начин пишувате и за еден клучен момент од историјата на Скопје - земјотресот во 1963 година. Последниот филмски запис на неколку часа пред тоа кобно утро го снимил Светислав Велков, кој загинал во катастрофата, но филмската лента преживува... 
    - Овој запис има исклучително значење бидејќи е последен филмски запис од предземјотресно Скопје. Снимен е само три часа пред трагедијата! Светислав Велков бил член на Академскиот киноклуб и кадрите снимени на скопскиот плоштад се направени со клупската камера. Сакам да подвлечам дека филмскиот опус на киноаматерите е навистина жива и бескрајно богата визуелна историја за нашата земја. Сѐ е тоа работено без пари, од љубов, нема продукции и планирани буџети... Драго ми е што филмскиот маестро Булаиќ го откри естетското доживување во играта на светлината, сенките и водата во тие неколку кадри на Велков и тој материјал го вгради во својот голем документарец „Скопје ’63“. 

    Вашите филмски рецензии поместени во книгата ја носат евергрин-свежината и се еднакво актуелни кога ги читаме и денес. Што е пресудно за една рецензија да биде еднакво актуелна и читана и по дваесет години откако е напишана?
    - Најнапред, оној што ќе се осмели да оценува филмски дела мора да ја владее теоријата на филмот, да го знае филмскиот јазик и, се разбира, донекаде и историјата на филмот. Без ова знаење не треба да се помислува да се пишува за филм, а чувствата и импресиите да се остават на последно место! И второ, кога се пишува за дневен весник или неделник, неопходно е да се изгради стил на пишување, кој ќе биде близок и јасен за читателот. Филмската рецензија не ја пишувам за да покажам колку сум паметна, туку таа треба да го упати читателот, да го предизвика гледачот да појде во кино, да го поттикне да размислува, да го едуцира и да му ги открива оние ситни тајни на подвижните слики.

    Зошто сѐ поретко читаме филмска критика? И зошто толку срамежливо се пишува за домашниот филм?
    - За она помалку - мислам дека е до уредувачката политика во медиумите. Во времето кога пишував за „Вечер“ (1980-тите години) Петре Бакевски беше ригорозен – вторник оди Чучков со музика, среда оди Илинка со филм, четврток – литература, петок – театар. И нема пардон. За домашниот филм – лошо е и за филмот, уште полошо за критичарот кога ќе почнат да се вртат разни калкулации!
     
       
    Автор: Мимоза Петревска-Георгиева / mimoza.p@novamakedonija.com.mk   Фотографија: Маја Јаневска-Илиева
     


    Извор: “Нова Македонија“

    Views: 249 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024