Main » 2015 » February » 11 » Ако не експериментирам, ќе овенам
4:10 AM Ако не експериментирам, ќе овенам |
Ако не експериментирам, ќе овенам
Станува збор за музика за театарска претстава на режисерот Александар Ивановски, а е работена според текстот „Оглед на распаѓањето“ од Емил Сиоран. Инструментите на кои ќе свири се од отпад од метал, дрво, пластика, картон, стакло...
Костов е секогаш иновативен и оригинален во музичкиот израз
МУЗИЧАРОТ САШКО КОСТОВ СОЗДАВА МУЗИКА НА ИНСТРУМЕНТИ ОД ОТПАД
На македонската сцена е веќе со години и секојпат успева да ја изненади публиката со нешто ново. Сашко Костов, секогаш иновативен и оригинален во музичкиот израз, овој пат ќе креира музика на инструменти создадени од отпад. Станува збор за музика за театарска претстава на режисерот Александар Ивановски, а е работена според текстот „Оглед на распаѓањето“ од Емил Сиоран. Тимот што го креира овој перформанс се состои од тројца луѓе: Костов, режисерот Ивановски и актерката Јасмина Василева. Инструментите на кои ќе свири се од отпад од метал, дрво, пластика, картон, стакло...
Кажете ни нешто повеќе за театарската мини-претстава каде што ќе настапите свирејќи на инструменти од отпад.
- Идејата за ваков несекојдневен концепт и создавање музика на неконвенционални инструменти ја развивам речиси една година. Во почетокот сакав само да направам музика и да настапувам во живо, но, како што се развиваше целиот процес, помислив дека би било одлично оваа музика да добие поголема димензија и визуелност, со тоа што ќе се збогати со игра на актер, видео... За целиот концепт да добие на тежина, беше потребна приказна што ќе го заокружи целиот проект. Креирајќи ги инструментите и гледајќи како едни незначајни предмети од мојот подрум добиваат нова функција, во моите мисли се вртеше некакво распаѓање, па сѐ до повторно создавање... Музички ќе настапувам сам, се разбира, со некои модерни помагала што ќе го натераат слушателот за миг да помисли дека станува збор за мала оркестарска изведба. Инструментите се од метална, лимена, дрвена, пластична, картонска и стаклена конструкција, темперирани и нетемперирани. Овој проект би требало да го финишираме некаде во втората половина на јуни и да почнеме да го изведуваме во живо. Сигурен сум дека ќе има одличен прием кај публиката и дека ќе доживее повеќе изведби на некои фестивали тука, се надевам и надвор од државава.
Зошто токму инструменти од отпад? Го исмевате ли на некој симболичен начин отпадот во музиката?
- Процесот на создавање несекојдневни инструменти е навистина креативен и многу возбудлив. Се случувало една метална цевка да ја сечам и штимам по 10 часа и така воопшто да не жалам за наредните десет цевки што чекаат на ред. Понекогаш сакам на некој начин да ги исмеам веќе постојните инструменти, зашто инструмент може да биде и една цевка од шатор. Сакам да се вратам назад во времињата и да создавам сопствени инструменти од секакви предмети. Да не се разбереме погрешно, јас не ќе ја измислам топлата вода во 2015 година, ама секако им се восхитувам на некои композитори што ме натерале малку подлабоко да нурнам по нови возбуди. Сакам да ги употребам предметите, а тие да возвратат со автентичен звук. Премногу музика, премногу отпад.
И покрај тоа што звучи контрадикторно, може ли да излезе убава музика од отпад? Што е пресудно за едно музичко дело да биде убаво?
- Се разбира дека може. Како што кажав и претходно, самото тоа оживување на веќе непотребни материјали ќе создаде прекрасна музика. Многу е субјективно да се говори за тоа што е пресудно за музиката да биде убава. Мене црната боја ми е омилена, на друг белата му е поомилена...
Редовно работите на музика за театарски претстави, меѓутоа не заостанувате ни во создавањето албуми. Се чини дека постојано сакате да експериментирате. Колку експериментирањето е движечка креативна сила?
- Компонирањето музика за театарски претстави е многу различно од седењето во студио и снимање авторски албум. Тимската работа во театар ми помогна да расчистам многу загатки што се однесуваат на човековата суета, дисциплина и индивидуалност при процесот на компонирање. Тежината на текстот, ритмиката, динамиката, движењето на актерите, интонацијата на гласовите на самите актери, психичката анализа и состојбата во која се ликовите, салата... Реков салата, зашто во неколку наврати ми се има случено да им велам на режисерите: таа композиција не одговара на сцената, а потем и самите тие да почувствуваат како публиката „ја фаќа за уши песната и ја исфрла надвор“. Вистинското темпо и само две ноти ќе му помогнат на актерот да се чувствува попријатно, а во сите случаи музиката ја усовршува улогата на актерите. За мене експериментирањето е најважната работа што може да му се случи на еден музичар. Чувствувам дека доколку не експериментирам, венеам. Впрочем, тоа ги разгорува моите фантазии и ме прави позрел и поуникатен музичар.
Во изминатиов период го отворивте „Браќа Манаки“, настапивте на „Модниот викенд“... Што е следно?
- Во изминатиов период, поточно една година, малку се повлеков од турнеите и концертите, за малку да земам воздух, а наедно и да поработам на самиот себеси и во областа на музиката да ги сумирам работите што сум направил и што треба да работам во иднина. На мое големо задоволство, настапив на „Браќа Манаки“, поточно го отворив и го затворив овој реномиран фестивал. Супердоживување, настап на игра со сенки. Мојата музика беше во преден план додека јас кога настапував бев зад платното и се гледаше само мојата силуета.
Сѐ до тој миг не сум бил свесен дека јас навистина умеам да танцувам. Вук и Теона Митевски беа одговорни за толку добро да изгледа тој настап. Во преговори сме со Вук да направиме нешто слично за некоја моја наредна промоција. Јован Петровски, пак, е инспиративен лик, голем креативец и мојот моден гуру. Инспириран од неговите креации, специјално ја компонирав музиката за таа ревија. Во изминатиов месец „ПМГ-рекордингс“ го издаде овој настап, кој е во живо. Убава вест е дека читателите можат да кликнат на нивниот сајт и бесплатно да си го симнат ова издание. Имам многу нови проекти и замисли што треба да ги работам годинава. Моментално компонирам музика за Велешкиот театар, премиерата треба да се случи месецов. Напролет почнувам со компонирање музика за театарска претстава со режисерот Александар Ивановски, ќе работиме во Романија. Во очекување сум на одговори за многу интересни проекти, но сѐ уште е рано да зборувам, затоа мудро молчам. |
|
|
|
Автор: Биљана Стојановска / biljana.s@novamakedonija.com.mk
Извор: “Нова Македонија“
|
|
|
Views: 281 |
Added by: Вељанко
| Rating: 0.0/0 |
|