Прославен Денот на дипломатските работници и во Македонија
Во Русија на 10 февруари се прославува Денот на дипломатските работници, беше воведен на 31 октомври 2002 година со указ од страна на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. Традиционално домаќин на овој празник е почесниот конзулат на Русија и амбасадата на Руската Федерација во Македонија и годинава организираа заедничко прославување.
По тој повод денес покрај споменикот „Руски крст“ во Битола се собраа дипломатски претставници во Република Македонија, претставници на локалната власт на чело со градоначалникот на Битола Владимир Талески, како и многубројните пријатели на Русија во Република Македонија.
На гостите најпрво им се обрати почесниот конзул на Руската Федерација во Република Македонија госпоѓа Даринка Крстанова, која го истакна значењето на овој празник и неговата прослава во Битола. Таа изрази задоволство од честа што ѝ е укажана да биде домаќин на еден ваков настан.
По неа со свој говор присутните ги поздрави амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Олег Николаевич Шчербак. Во него тој повторно го подвлече значењето на руско-македонските билатерални врски, како и нашите повеќевековна пријателски односи, кои претставуваат стожер за понатамошно продлабочување на односите помеѓу двете држави.
Извор: “Руска реч на македонски“
|