Реставрирана фасада на староградска куќа во Кичево
Објектот е изграден во 1934 година, имал различни намени, во минатото бил затвор и болница, а со денационализацијата е семејна куќа. Пред извесен период се стекна со статус значајно културно наследство
Во Кичево беше претставен новиот лик на куќа - споменик на културата од прва категорија на ул. Јанко Михајловски број 11 и 13, на која фасадата е обновена со 1.800.000 денари од Министерството за култура. Објектот е изграден во 1934 година, имал различни намени, во минатото бил затвор и болница, а со денационализацијата е семејна куќа.
Објектот го посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека е комплексна, планска градба од типот на двојна куќа со препознатливи архитектонски карактеристики за цивилни објекти изградени меѓу двете светски војни, со декоративни елементи на фасадата од неоренесансата и неокласицизмот.
- Според проектот изработен од Националниот конзерваторски центар-Скопје, беа изведени конзерваторско-реставраторските работи на фасадите и на покривот, со што објектот го доби својот оригинален и автентичен изглед. Пред извесен период објектот се стекна со статус значајно културно наследство - изјави Канческа-Милевска.
Во Кичево годинава ќе се реставрира уште еден објект од староградска архитектура - куќа на ул. Октомвриска во чаршијата на градот.
Извор: “Нова Македонија“
|