ТИМОТЕЈ: НЕМА ДА ПРОДАДАМ НИ ПЕДА ЦРКОВНА ЗЕМЈА
Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија реагира на одлуката да се одземе црковен имот за изградба на викенд-населба во мијачкото село Лазарополе
„Од црковниот имот на Дебарско-кичевската епархија нема да продадам ни педа земја. Со сите легитимни средства ќе се борам да го сочувам имотот на епархијата, на црквите и манастирите, кој беше создаван со векови од македонскиот народ“, категоричен е владиката Тимотеј во врска со владината одлука со која е планирано на епархијата, но и на приватни сопственици да им се одземат ливади, пасишта и шума во мијачкото село Лазарополе. На 44 хектари на само еден километар од селото, во план е изградба на викенд-населба со 300 викендички, два хотела и хелиодром. Ваквата одлука ја донесе Владата, на крајот од минатиот месец, со што се пренаменува земјоделското во градежно земјиште.
Митрополитот Тимотеј, надлежен архијереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, е изненаден од владината одлука со која им се одзема црковен имот во мијачкото село Лазарополе.
„Првпат слушам од вас за оваа одлука. Ништо не ми е познато, ниту пак одлуката ни е доставена. Кога ќе ја добијам одлуката и ќе ја проучам, тогаш ќе ја коментирам. Мојот став на македонската јавност и' е познат. Од црковниот имот на Дебарско-кичевската епархија нема да продадам ни педа земја“, вели владиката Тимотеј во изјавата за „Утрински весник“.
Станува збор за нешто повеќе од 2,5 хектари ливади, пасишта и шуми, кои се во сопственост на црквата „Свети Ѓорѓија“, а кои влегуваат во исцртаната мапа на која треба да никне новата викенд-населба. Владиката Тимотеј вели дека поседува имотен лист број 263 со кој се потврдува дека станува збор за црковно земјиште.
Станува збор за најатрактивното земјиште кое се наоѓа на просторот од гробиштата до вилата на Лазар Колишевски, со што ќе се уништат богатата флора и фауна. Градежната инвазија би можела да уништи и 35.000 квадратни метри шума.
„Просторот на кој се планира да никнат одеднаш дури 300 викендички е единственото место на кое може да се произведува органска и еколошки здрава храна не само за мештаните туку и за целиот регион. Не станува збор за земјоделско земјиште кое може да се пренамени во градежно, туку за ливади, пасишта, овоштарници кои отсекогаш биле извор на храна и нуделе опстанок за Мијачијата“, велат претставници на Месната заедница „Лазарополе“. Тука во минатото се наоѓале најголемите плантажи со малини и рибизли, а овој крај се' уште изобилува со еколошки најздравата аронија.
Околу 100 поранешни жители на Лазарополе и нивни наследници изминатиов период се појавиле со своите тапии за да потврдат дека станува збор за нивни имоти, од кои не планираат да се откажат.
Тие се децидни дека не се противат на одлуката да се инвестира во развој на мијачкиот крај. Но, според нив, треба да се вложува во веќе постојните капацитети за да се вратат сјајот и угледот на Лазарополе, во кое веќе се изградени 500 куќи.
„За развој на Лазарополе, веќе постојат планови што се донесени и усвоени во 1998 година. Потребно е тие да се надградат и во постојните рамки да се изградат нови капацитети кои ќе го заживеат селото. На Лазарополе не му требаат хотели – туку амбуланта и рурален лекар, фекална канализација и подобрување на водоснабдувањето, оти преку цело лето се кубури за вода“, велат лазарополци.
Метеоролошката станица во Лазарополе, која се наоѓа на надморска височина од 1.350 метри, според мештаните е една од четирите клучни станици во Европа за следење на атмосферските движења. Како една од еколошки најчистите средини, каде што нивото на загаденост е сведено на нула, мештаните апелираат дека Лазарополе треба да се искористи како природно лекувалиште за белодробни заболувања.
„Наместо да се уништуваат и сечат дрвјата, треба да се садат нови, бидејќи Лазарополе се белите дробови на целиот крај“, апелираат од еколошките здруженија во мијачкиот крај. (К.К.-Д.Т.)
Извор: “Утрински Весник“
|