Почина доајенот на македонската кинематографија Љубе Петковски
Посмртните останки на Љубе Петковски ќе бидат изложени утре (17.02.2015 година) на Градските гробишта Бутел, од 11.30 до 12.30 часот, соопштија од Друштвото на филмските професионалци на Македонија.
Скопјанецот Љубе Петковски во далечната 1924 година го започна својот долг животен пат во родното Скопје и по 9 децении од своето Скопје заминува во вечноста како еден од бардовите на македонската повоена кинематографија.
Заедно со ветеранската генерација режисери, сценаристи, актери, монтажери, камермани, продуценти, во еден од најзначајните уметнички профили на филмската креативност, како кинематографер и директорот на фотографија, Петковски беше меѓу основоположниците на македонската кинематографија.
Зад себе остави богат опус со филмови од кои и добар дел антологиски дела во жанровите на документаристиката и играниот филм. Неговите филмови ќе останат трајно сведоштво за неговата голема уметничка и творечка личност, филмови со кои сите се гордееме и ќе го имаме во траен спомен, а бројните домашни и меѓународни награди остануваат како потврда за она што тој го оствари во своето уметничко-филмско творештво.
Роден на 4 декември 1924 година, Љубе Петковски го завршил средното училиште во родното Скопје, за по војната, својата кариера како млад филмски работник, да ја започне, во тоа рано пионерско време на македонската кинематографија, како асистент на тогаш искусните екс-југословенски режисери: Жорж Скригин од Белград, Вјекослав Африќ од Загреб и Франце Штиглиц од Љубљана. Потоа професионално се усовршувал во Загреб и Париз.
Во „Вардар филм“, како еден од неговите основачи, Петковски започнал како снимател со документаристот-режисер Кочо Недков, во првите уметнички документарци „Техника на народот“ и „Памук“, обата снимени во 1950 година. Овој тандем подоцна одново се здружил во документарецот „Средновековни фрески“, реализиран во 1957 година. Но, предходно, 1955-тата е многу плодна за Петковски, кој беше снимател-кинематографер во двата етнографски документарци на режисерот Ацо Петровски „Галичка свадба“ и „Дервиши“, како и документарецот „Ритам и звук“ на режисерот Трајче Попов.
Во истовреме, во истата 1955-та година, заедно со колегата Бранко Михајловски, како кинематограферски тандем, го снимија партизанскиот филм „Волчја ноќ“ на словенечкиот гостин, режисерот Франце Штиглиц, што по „Фросина“ беше вториот целовечерен игран филм во продукција на „Вардар филм“.
Првичната наклонетост кон документаристичкиот реализам како кинематографер, Љубе Петковски на најкреативен начин ја демонстрираше во неговите два најдобри долгометражни документарни филмови во кариерата, лауреатските: „Скопје ’63“ на режисерот Вељко Булаиќ, посветен на катастрофалниот земјотрес во Скопје (освојувач на „Златен лав“ за најдобар документарен филм во Венеција во 1964 година) и „Тулгеш“ на авторот Коле Манев, инспириран од голготата и масовниот егзодус на Егејските Македонци во 1948 година, по Граѓанската војна во Грција, протерани од страна на грчките фашисти на режимот на Метаксас (освојувач на „Голем златен медал“, односно „Гран-при“ на белградскиот мартовски фестивал во 1977 година).
Покрај овие два долгометражни документарни филмови, Петковски соработува и со режисерот Мето Петровски во неговите два високорангирани и наградени документарци „Вранештица“ во 1976 и „Голгота“ во 1979 година, за кој на фестивалот во Краков ја освои наградата „Бронзен змеј“ за неговата снимателска креација.
Како дел од високата кинематограферска креативност на Љубе Петковски се и група најуспешни македонски целовечерни играни филмови, какви што се „Мирно лето“ во 1961, прв игран филм режиран од македонскиот режисер Димитрие Османли, потоа двете историско-епски драми на белградскиот режисер Жика Митровиќ „Солунските атентатори“ во 1961 и „До победата и по неа“ во 1966-та, обата снимени во црно/бела фотографија и вајд-скрин техника.
Тука се и двата играни филма на режисерот Бранко Гапо „Време без војна“ во 1969 и „Време, води“ во 1980 година, две социјално-психолошки драми со критички акцент, во кои Љубе Петковски ја внесува неговата вештина за документаристичка реалност.
Своевиден кинематограферски врв во опусот на Петковски се и двата лауреатски филма на режисерот Кирил Ценевски „Црно семе“ во 1971 година, филм сведоштво за голготата на затворените и убивани македонски партизани-егејци, по Граѓанската војна во Грција (филм кој триумфираше на фестивалот во Пула и се врати со наградата „Жар птица“ од Московскиот фестивал) и историската епска фреска од 11. век „Јад“ (за кој во 1975 година на фестивалот во Пула Љубе Петковски беше награден со „Златна арена“ за најдобра фотографија).
Како бард на македонската кинематографија од редовите на кинематограферите, во 1997 година на 18. фестивал на филмската камера во Битола, заедно со колегата Бранко Михајловски, станаа лауреати на „Златна камера 300“ за животно дело, со што Љубе Петковски заслужено влезе во клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“.
Извор: “МКД“
|