Руските научници разоткриле американска шпионска програма
Американската Агенција за национална безбедност (NSA) смислила начин како шпионски софтвер да сокрие во хард дисковите на производителите „Western Digital“, „Seagate“, „Toshiba“ и други компании, што ѝ овозможува прислушување на повеќе компјутери во светот, тврдат научници, аналитичари и поранешни оперативци.
Станува збор за голем број шпионски програми кои ги открила лабораторијата во Москва на компанијата „Kaspersky Labs“, производител на безбедносни програми, која веќе има откриено повеќе западни операции поврзани со кибернетичката шпионажа, пишува Reuters.
Извори од споменатата компанија тврдат дека во 30 земји открила персонални компјутери кои биле инфицирани со една или со повеќе шпионски програми. Најмногу инфицирани компјутери се откриени во Иран, Русија, Пакистан, Авганистан, Кина, Мали, Сирија, Јемен и Алжир.
Цели биле владини и воени институции, телекомуникациски компании, банки, компании за енергетика, нуклеарни научници, медиуми и исламски активисти.
Од „Kaspersky“ одбиле јавно да ја именуваат земјата коишто стоела зад таквата шпионска кампања, но тврди дека е тесно поврзана со „Stuxnet“, кибернетичкото оружје со коешто NSA ги нападна иранските постројки за збогатување ураниум во 2007 година. Оваа агенција е задолжена за собирање електронски разузнавачки податоци за американските власти.
Аналитичар од тимот на Global Research and Analysis Team (GReAT) на „Kaspersky“ на конференцијата на аналитичарите од канцелариите на компанијата кој се одржува во Канкун, Мексико, во понеделникот рекол дека основите на споменатиот шпионски софтвер, испитуван последните две години, биле во употреба и се развивале од 2001 година, па можеби дури и во 1996 година. Вели дека овој софтвер ја надминува неодамна откриената платформа Regin за којашто се верува дека е креирана од разузнавачката служба на Велика Британија GCHQ, која е користена за инфилтрирање во компјутерите на Европската унија и Белгија, меѓу другото преку компјутерските системи на белгискиот оператор „Belgacom“.
Станува збор за прелиминарни документи од истражувањето, а аналитичарите велат дека планираат следните денови да објават повеќе технички детали, но и дека има уште работи што не ги знаат за активностите.
http://makfax.com.mk/zanimlivosti/hitech/-ruskite-naucnici-razotkrile-amerikanska-spionska-programa
Извор: “Макфакс“
|