Исклучителна звучна убавина содржи концертот „Руска ноќ“ со Македонската филхармонија
Македонската филхармонија во четврток (19 февруари), во Македонскиот народен театар во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под палката на српскиот диригент со светска слава, Владимир Куленовиќ, кого публиката го нарече „принц на Србија во музиката". Како солист на виолончело ќе се претстави реномираната Маја Богдановиќ од Белград, за чии перформанси критиката е едногласна дека поседуваат исклучителна звучна убавина.
Маја Богдановиќ ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр.1 од рускиот великан Дмитриј Шостакович, кој се смета за едно од најтешките дела за овој инструмент. Оркестарот на Македонската филхармонија на концертот кој носи наслов „Руска ноќ“, ќе ги изведе и увертирата од операта „Царска невеста“ од Николај Римски Корсаков, како и прекрасната „Жар-птица“ од Игор Стравински, уште двајца врвни автори кои доаѓаат од лулката на класичната музика, Русија.
На концертот премиерно ќе прозвучи и делото „Горе и долу“ - три слики од „Книга на промени“, на македонскиот композитор Владимир Николов, композиција инспирирана од поширокото толкување на класичното кинеско дело „Ји Џинг“. Инаку, композицијата на Николов е минатогодишен победник на анонимниот конкурс за избор на оркестарско дело што го објави Сојузот на композиторите на Македонија.
Српскиот диригент со светска слава, Владимир Куленовиќ (1980), нарекуван „принц на Србија во музиката“, веќе шест години наназад успешно ја претставува својата земја на меѓународните културни сцени. Иако млад, тој веќе стекна репутација на диригентска ѕвезда. Образованието го започнува во својот роден град Белград, а продолжува да се школува на Бостонскиот конзерваториум на кој, како прв студент на генерацијата, дипломира пијано и диригирање. Неговото школување ќе го одбележат едни од најславните имиња во светот на музиката. Магистрира во класата на прочуениот Густав Мајер, а се усовршува посетувајќи мастер-часови кај Курт Мазур во Њујорк, Бон и на фестивалот „Вербие“.
По завршувањето на постдиплмоските студии на „Џулијард“ под менторство на Џејмс Депрајст и шеф-диригентот на Њујоршката филхармонија, Ален Гилберт, Куленовиќ е поставен за заменик на главниот диригент на Симфонискиот оркестар и Операта на државата Јута, како и за главен диригент на Летниот музички фестивал во Кјото, Јапонија.
Денес, Владимир Куленовиќ соработува со симфониски оркестри во Европа, САД и Азија, се разбира и со оркестрите во својата земја, меѓу нив и Белградската филхармонија, а избран е и за шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Лејк Форест“ во Чикаго. Диригира преку 100 претстави годишно, работејќи со солисти како Леон Флајшер или Миша Мајски. Куленовиќ работи и со оркестарот „Бетовен“ од Бон, оркестарот на Националниот уметнички центар на Отава, Оркестарот на Школата за музика „Џулијард“, оркестарот на фестивалот „Вербие“ итн. Добитник е на значајни награди признанија, меѓу нив и на стипендијата „Бруно Валтер“ и наградата за диригирање „Чарлс Шиф“, како и на престижната награда „Алфред Б. Витни“ за најдобро сколастичко достигнување на Бостонскиот конзерваториум.
Маја Богдановиќ (1982, Белград) виолончело почнува да изучува на шест годишна возраст. На 16 години е примена како најмлад кандидат на Националниот конзерваториум во Париз, каде што во 2003 година дипломира со највисока оценка во класата на проф. Мишел Штраус. Истата година како прва на листата е примена и на постдипломски студии. Во 2004-та, пак, ја добива и највисоката оценка за камерна музика во класата на проф. Итамар Голан и Франсоа Салк.
Богдановиќ е добитничка на многубројни награди на републички и меѓународни натпревари во Белград, Чешка, Италија, Австрија, Словачка, Франција, Нормандија. Исто така, освојува втора награда и награда од публиката на Интернационален натпревар во Јапонија (2006), што и овозможува да настапи со Филхармонискиот оркестар на Токио. А, откако ќе ја освои Првата награда на натпреварот по виолончело „Алдо Парисот“ во Јужна Кореја, Богдановиќ ќе одржи рецитал во „Карнеги Хол“ во Њујорк, кој критиката ќе го опише како „перформанс со исклучителна звучна убавина“.
Се усовршувала кај познати уметници како Бернард Гринхаус, Албан Герхарт, Стефан Попов, Јенс Петер Мајнц, Александар Бејли, Гијом Паолети и др. Континуирано одржува рецитали во својата земја и во странство, и постојано настапува како солист со бројни оркестри, со диригенти како Кристоф Мангу, Јордан Дафов, Франсоа Буланже, Ангел Шурев...
Негува мошне широк репертоар, но во фокусот на нејзиното интересирање е современата музика. Посебно значајна е нејзината соработка со полскиот композитор Кшиштоф Пендерецки, која ќе се роди во Париз и која ќе продолжи во Белград, каде што заедно со Белградската филхармонија и под диригентство на самиот композитор, ќе го изведе неговиот Концерт за виолончело бр.2. Потоа и во Варшава, по повод неговиот 80-ти роденден, Богдановиќ ќе настапи заедно со Џулијан Рахлин и Јури Башмет, со Словенечката филхармонија и повторно под палката на Пендерецки. Богдановиќ свири на виолончело направено специјално за неа од францускиот виолинист и изработувач на виолончела, Франк Раватин.
Извор: “МКД“
|