Медиуми: Во Дебалцево ранет челникот на бунтовниците од Донецк
Челникот на самопрогласената ткн Донецка народна република на побунетиот рускоајзичен украински исток, Александр Захареченко бил ранет во борбите со украинските војници во Дебалцево, објави телевизијата LifeNews.
„Челникот на Донецката народна република се здоби со рана во ногата“, се наведува во извештајот. Според телевизијата, „Захарченко претрчуваше преку една од централните улици за време на интензивен оган од автоматско оружје и беше ранет во ногата“.
Во извештајот на LifeNews, се истакнува дека не е загрозен животот на челникот на рускојазичните бунтовници „беше свесен за време на транспортирањето и се чувствува добро“. Неговото обезбедување му укажало прва помош, а потоа бил пренесен во импровизираната болница во на периферијата од Дебалцево, а потоа во местото Алчевск, се прецизира во извештајот.
Сé уште нема официјална потврда на оваа информација, која ја проверуваат и другите медиуми.
Од ткн министерство за одбрана на самопрогласената „народна република“ во Донецк, за РИА Новости потврдиле дека Захарченко, инаку етнички Украинец, бил во Дебалцево во тек на „чистењето на градот“, но дека немаат потврда за неговото ранување.
„Александр Владимирович (Захарченко) беше и уште се наоѓа на линијата на фронтот. Теоретски, можно е да е ранет, но ние ниту можеме да потврдиме, ниту да ја отфрлиме таа информација“, рекол соговорникот на агенциајта.
Заменикот командант на проруските бунтовници од Донецк, Едуард Басурин за РИА Новости изјавил дека пред неколку часа „го видел Захарченко во Дебалцево, тој жив и здрав“.
Претходно бунтовниците соопштија дека украинските војници, чиј број во Дебалцево се проценува на најмалку пет илјади и кои речиси цел месец се во опкружување на бунтовниците, почнале масовно да се предаваат, а Киев демантираше.
Светските агенции пренесуваат дека од Дебалцево, стратешки важен железнички јазол во источна Украина меѓу двете бунтовнички упоришта Донецк и Луганск, се слушаат детонации и истрели од автоматско оружје, и се претпоставува дека во градот се водат улични борби. Проруските бунтовници тврдат дека контролираат две третини од градот кој порано имаше 25.000 жители, а дека украинските сили кои даваат отпор се концентрирани во западните населби.
Басурин, од своја страна, изјави дека милицијата на самопрогласената ДНР во вторникот првпат започнала директни преговори со претставниците на украинската војска во рамките на преговорите на Заедничкиот центар за контрола и координација на прекинот на огнот.
http://makfax.com.mk/svet/vesti/mediumi-vo-debalcevo-ranet-celnikot-na-buntovnicite-od-doneck
Извор: “Макфакс“
|