Дар – Христо Петрески
Христо Петрески е новинар и писател. Бил новинар и уредник во редакциите на „Студентски збор", „Млад борец", Радио Скопје и „Нова Македонија". Од 1982 година е основач и директор на издавачката куќа „Феникс" и Фондацијата за научна и културна афирмација и презентација „Македонија презент" - Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1985 година. Досега објавил повеќе од 50 поетски и прозни книги за возрасни и деца, книги со критики и есеи, како и антологии и избори, а тука ја објавуваме неговата најнова песна.
Сѐ што ќе ти падне од небото
Тоа е дар од Господ:
За катадневна послушност
За невидена покорност
За преголема упорност
За несекојдневна убост
За неслутена возможност
За несонувана добивка
За неизоставена добрина
За неизмислена приказна
За неверојатна храброст
За непремолчена заслуга
Дар е сѐ она што ќе падне врз твојата глава
А не се златни пари и не е лажна слава:
Туку се обични боцки како игли од бор, ела или смрека
И сончевиот зрак како ореол што прво те угрева тебе
И гласот што доаѓа одозгора од некое штотуку родено бебе
И снегулките што се пластат на темето лека-полека
Случајно фрлен камен од некое немирно дете
Ненамерно турната саксија со или без земја и цвеќе
Црвлив заврзок на орев, јаболко или круша
Презрел плод на црница, смоква или дуња
Врело олово од залутан свадбарски куршум
Или само изладен збор од штотуку напишана песна!
Извор: “МКД“
|